За да се одбележи почетокот на „Таксират“ сезоната, синоќа во кино Фросина настапи култниот канадски инди-поп бенд The Hidden Cameras. Публиката пред настапот на Канаѓаните ја загреаја младите тетовци Skyrise, кои имаа претпромоција на нивниот нов албум.
Вчеравечер во МКЦ, ѕидовите на кино Фросина вибрираа во ритамот на канаѓаните Hidden Cameras. Невообичаената мешавина на инди, фолк звуци, со примеси на електроника и моќниот хорски вокал на фронтменот на групата беа неочекувани за македонската публика. За себе велат дека свират „црковен геј фолк“, а по петгодишна пауза, овој инди-поп бенд го објави својот шести албум насловен AGE.
Иако салата беше полупразна, во интимната, затемнета сала на киното Фросина, бендот свиреше како да има милиони во публиката. Фронтменот Џоел Гиб даде сé од себе за да го задржи вниманието, за на крајот заслужено да биде награден со силен аплауз. Следеше враќање на бис и изведба на уште неколку песни пред присутните кои танцуваа на звуците на Hidden Cameras.
Бендот кој ја означи пресвртницата на инди-рок сцената и субкултурата на Торното на почетокот на новиот милениум, моментално живее и твори во Берлин. Извонредниот Џоел има соработувано и со R.E.M како вокал на нивниот последен албум, а имаат остварено и соработка со Нил Тенант од Pet Shop Boys.
Сосема спротивно од инди-попот специфичен за 80-тите кој го отсвирија Hidden Cameras, новите и надежни Skyrise пак понудија моќен алтернативен рок, специфичен за британската сцена. Бендот кој синоќа промотивно го отсвири својот прв албум досега има свирено на повеќе локални фестивали како Joyfest, Amnesia Open Air Fest, како и на првото издание на пробиштипскиот Aqua Park Fest.
Со влезницата за настанот, публиката доби и дигитален код со кој може да го превземе нивниот деби-албум.
Стефанија Тенекеџиева