Со настап на легендарниот Larry McCray Band, во неделата заврши „Blues & Soul Festival 2014“. Larry McCray во моментов е едно од најголемите имиња на светската блуз сцена, а настапот со неговиот динамичен сценски настап, виртуозност и извонредниот вокал беше вистинско уживање за посетителите во скопската Универзална сала.
Непосредно пред настапот во Скопје, во ексклузивно интерју за Радио МОФ , светски познатиот музичар зборува за неговата музика, за својот прв албум, за неповторливите клупски забави:
Кои се музичките влијанија под кои можеби и се развиваше вашата музика?
Моите музички влијанија варираат од B.B.King, Albert King, Freddie King па се до некои некои џезери. Сакам различни типови на музика, така што немам ограничување во изборот на музика. Слушам од се по нешто, па кога би требало да набројам некои од музичарите што се надвор од блуз сцената, голем фан сум на George Benson, Wes Montgomery, Larry Carlton и други музичари од тој калибар. Иако не можам да свирам како нив, сакам да ги слушам и се обидувам да абсорбирам колку што можам повеќе од нив.
Поминаа 24 години од издавањето на вашиот прв албум, како се промени вашиот поглед кон музиката во тој период? Како еволуираше?
Еволуираше на тој начин што почнав повеќе да ценам музика што е надвор од моето музичко патешествие, надвор од тоа што јас го правам. Порано се фокусирав повеќе околу тоа да правам како што другите правеле или слично на тој стил или како во таа рамка да го направам тоа. Како што реков, слушам повеќе работи и се обидувам да инкорпорирам повеќе работи во мојата музика, а притоа задржувајќи се на оригиналната тема.
Вие сте познати по вашите чести посети на клубот „Legends“ на Buddy Guy. Дали може да ни споделите некое интересно искуство од таму, на сцената и надвор од неа?
Од секогаш најголемата забава и дружбата била таму, кога ништо не се работело. Кога се работи, се работи, ама во дружбата се имам запознаено со многу луѓе кои ме инспирирале да свирам на овој начин, како што е Fenton Robinson, кој имав честа да го запознаам таму и да свирам со него на сцена. Едни од најдобрите конверзации ги имав со Johnny Copeland во подрумот на клубот „Legends“ непосредно пред неговиот настап. А веќе ако зборуваме за нешто забавно дали се случило што можам да споделам… но се имаат доста такви работи случувано. Но тоа беше последно место каде што го видов и ја имав можноста да разговарам со Gatemouth Brown. „Legends“ е место кое привлекува многу луѓе поради Buddy Guy, многу туристи доаѓаат и секогаш се случува нешто интересно. Имам запознаено познати филмски ѕвезди таму, како што се Michael Keaton, Forest Whitaker, Gary Busey, Dan Aykroyd, Rob Schneider… Candy Man т.е. Tony Todd и многу други, не можеш да знаеш кој се ќе влезе низ вратата зашто нон-стоп има некој познат.
Во продолжение можете да го проследите целото видео интервју.
Николај Митрески