[Интервју] Skyrise: Се обидуваме да правиме оригинална музика по свој ќеф

Македонската публика пред една година доби можност да ги запознае тетовците Skyrise . Со својот нов музички израз, експериментирање и текстови на англиски јазик – Skyrise се бенд кој верува многу на македонската алтернативна сцена. Пред промоцијата на нивниот деби-албум најавена следниот месец, фронтменот Благоја Евкоски за Радио МОФ зборува за формирањето на бендот, за креативната движечка сила, но и за она што треба од нив да го очекуваме во иднина.

2

Штотуку завршивте со работата на вашиот албум-првенче. Публиката досега имаше само позитивни критики за првите три сингла. Кои се вашите очекувања, ќе ја оправдате ли довербата на фановите?

Сите песни кои се наоѓаат на албумот ги работевме со големо внимание и посветеност и се трудевме да не се повторуваме самите себе – секоја песна да биде оригинална и самостојна, а истовремено да се вклопи во целината на албумот. Затоа, мислам дека оние на кои им се допадна тоа што го слушнаа во сингловите сигурно ќе најдат нешто убаво и возбудливо во останатите песни од албумот.

Чија беше идејата да се формира бендот? Кој е креативец, кој е принципиелен, кој е ведриот дух во вашиот тим?

Идејата за формирање на бендот беше моја. Сакав да направам бенд со кој ќе создадам музика онаква каква што отсекогаш сум сакал, и кој ќе се труди да постави високо ниво на квалитет во музиката и идеите позади неа. Останатите членови совршено се вклопија и пронајдоа во таа идеја. Описите кои ги наведе мислам дека одговараат за сите во бендот, повеќе или помалку. Сите придонесуваме со својата креативна енергија во музиката. Сите сме принципиелни, соработката ни е одлична и функционираме без проблеми. И сите се трудиме да го направиме ова искуство наречено Skyrise што попријатно и поисполнето со смеа и забава.

Зошто Skyrise? Од каде дојде идејата за името?

Сакавме име кое е апстрактно и отворено за интерпретација. Исто така сакавме да звучи едноставно и моќно, како и нашата музика. Така се решивме за името Skyrise. Буквално преведено името би значело некакво високо здание, издигнување кон небото – место од каде би можел подобро и појасно да ги разгледаш работите, да ја добиеш големата слика.

3
Од каде наоѓате мотив, инспирација за она што го творите? Каква порака треба да пренесе вашиот албум “To Unknown”, што претставува непознатото?

Мотив наоѓаме во музиката на многу прекрасни бендови, кои нè поттикнуваат да се обидеме и ние да придонесеме со сопствена музика кон нашиот живот и нашата околина. А инспирација, специфично за овој албум, наоѓаме во нас, нашите искуства и размислувања. Би рекол дека “To Unknown” има изразен субјективен, интровертен тон.

Непознатото го претставува просторот во нашиот живот кој ни е надвор од дофат, кој се простира надвор од границите кои сме ги достигнале или поставиле. Текстовите на албумот поттикнуваат да се отстрани стравот од тие граници и да се истражи тој мистичен простор.

Имавте шанса да свирите на повеќе фестивали во Македонија. Како реагираше публиката на вашите настапи надвор од родното Тетово? Мислите ли дека има публика која би уживала во вашата музика, која е карактеристична и, би рекла, е можеби новина кај нас?

Навистина сме задоволни од реакцијата на публиката. На секој наш настап има луѓе кои ни приоѓаат и дискутираат со нас во врска со бендот и со музиката, и кои нè поддржуваат во она што го правиме. Така што публика која ја интересира ваквиот тип на музика има, но мора да се нагласи дека е малубројна. Пропорционално мал е и бројот на бендови кои прават сличен тип на музика.

А како би го опишале она што го творите со неколку зборови, што е вашата музика за вас?

Би го опишале како искрено творештво на четворица млади луѓе кои се обидуваат да направат оригинална музика по свој ќеф. Музиката е составена од софистицирани гитарски линии, длабоки текстови интерпретирани од чувствителни вокали и моќна ритам секција. За нас, нашата музика е едно прекрасно патување, во кое четворицата максимално ја вложуваме нашата креативност и растеме и се истражуваме заедно со неа.

1

Како ја оценувате алтернативната сцена во земјава, колку е тешко младите музичари да се пробијат на оваа сцена? 

Алтернативната сцена во земјава е мала по обем, па затоа би рекол дека процесот на пробивање не постои. Секој сериозен музичар може лесно да добие шанса да го презентира својот труд. Најголемата тешкотија со која се соочуваат музичарите во земјава е секако неможноста да го монетизираат нивниот уметнички труд и со тоа да живеат занимавајќи се само со музика. Ние решивме тоа сосема да го отстраниме од листата на цели за да не ни стои на патот на креативното изразување.

Во средата ве гледавме покрај Hidden Cameras на off-Таксират промо настанот. Што да очекуваме следно?

Следува физичко издавање на албумот во ноември, како и уште еден сингл пред крајот на оваа година. На почетокот на наредната година планираме и самостојна промоција на албумот во Скопје. Работата на вториот албум треба да ја започнеме во наредните месеци.

Стефанија Тенекеџиева