“The Endless River“, новиот албум на Пинк Флојд, прв за групата по пауза од 20 години, ќе биде и последен за легендарниот британски бенд, изјави гитаристот David Gilmour.
Двојниот албум излегува на 10 ноември и на него ќе има 18 песни на кои работеле Gilmour, Nick Mason и Richard Wright, кој почина во 2008. Roger Waters, кој го напушти бендот во 1984 година, не учествуваше во овој проект. Албумот е направен од 20-те часови материјал кој настанал во 1993, на сесија на Пинк Флојд за време на снимањето на албумот „Division Bell“.
„The Endless River“ се состои главно од инструментална музика и само една песна, „Louder Than Words“, за која стиховите ги напиша сопругата на Gilmour, Polly Samson. Пинк Флојд е група основана пред точно 50 години, во 1964, а 14-те досегашни албуми на бендот се продадени во над 250 милиони примероци. Најпознати се изданијата: „Dark Side of the Moon“, „Wish You Were Here“ и „The Wall“.