Услови за студентска работа со скратено работно време

Во период од неколку години (во зависност од времетраењето на студиите), речиси 3% од македонското население поради академски ангажмани, нема да биде во можност самостојно да се издржува и да ги поддржува сопствените финансиски потреби. Со други зборови, преку одлуката да ги следат своите академски амбиции и да се надградат на професионален план, речиси 58 000 млади луѓе во Република Македонија избрале, во времетраењето на своите универзитетски студии, да бидат економски зависни од своите семејства.

school-work

Трошоци за изнајмување на престој, трошоци за транспорт, за храна, за лични потреби и интереси, за културни и спортски активности – мнозинството студенти се соочуваат со истите основни финансиски прашања. Од друга страна пак, се чини дека „понудата“ на решенија не е на завидно ниво. Едната алтернатива која им е достапна на студентите е да се потпрат на финансиската поддршка на своите родители. Но доколку семејството не е во можност да ги поддржува нивните финансиски потреби, единствената преостаната опција би била студентите самостојно да тргнат во потрага по работа преку која ќе успеат да ги покријат своите трошоци, притоа не запоставувајќи ги своите студии. Но, изјавите на студентите кои досега имале работно искуство во Македонија нагласуваат дека не секогаш ваквата потрага води до успешни резултати.

„Дневно пишував десет статии, а сметам дека платата која ја добивав не беше ни одблизу доволен надомест за мојот труд, ниту пак ми овозможуваше да ги покријам основните трошоци за живот“ – изјавува студентка при новинарскиот отсек на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Својата работа како новинар за онлајн весник таа ја нашла благодарение на своја пријателка и иако платата првично не ги задоволувала нејзините потреби, истата ја задржала подолго од една година. Нејзината причина за да даде отказ била нетолеранцијата на работодавачот кон нејзините ангажмани како студент.

„Моите секојдневни обврски поврзани со работата како онлајн-новинар многу често беа причина да го занемарувам учењето за испити, па дури и да отсуствувам од предавања. Конечно, за да можам да се фокусирам на учењето, решив да ја напуштам работата“.

Други студенти кои успеале да најдат работа која ги задоволувала нивните финансиски потреби пак, изјавуваат дека поради непогодните работни часови, често немале време за дружење и слободни активности: „Успеав да најдам работа како уредник на онлајн списание, благодарение на која добивам задоволителен приход. Бев одлучна да не ги запоставувам своите студии поради мојот професионален ангажман и во тоа успевам, но како последица, во текот на денот немам ниту еден час слободно време“ – вели студентка при Филолошкиот факултет.

За разлика од овие студенти, сеќавањата на повозрасните граѓани кои веќе одамна ги завршиле своите студии даваат многу поинаква слика за условите за живот и заработување на студентите во минатото.

„Во слободно време, кога не се подготвував за колоквиумските испити, работев во архивата на универзитетската библиотека. Мојата задача не беше премногу напорна ниту пак ми одземаше премногу време, бидеќи, како студент, ја имав можноста да работам со скратено работно време. Платата не беше особено висока, но беше доволна за да ги покријам своите основни студентски трошоци и со тек на време, сѐ помалку да се потпирам на помошта на моите родители“ – објаснува поранешен студент, кој сега работи како новинар.

Во светски рамки, овој тренд на понуда на работа со привремено работно време и едноставен работен ангажман за студентите е сѐ уште популарен и има широка примена при универзитетите во САД, Велика Британија, Германија итн. На студентите им се понудени привремени работи за време на своите студии, со чии приноси тие плаќаат за своите учебници или пак за своите слободни активности. Но дали слична можност им е дадена на студентите во Македонија?

Веб-страницата на Студентскиот Парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, не располага со информации слични на горенаведените понуди. Понудите за работа кои ги имаат тековните студенти најчесто бараат професионални квалификации и се однесуваат на ограничен број на работни места, при што можностите за работа ѝ се достапни на многу мал дел од студентската популација. Најчесто, понудите за студенти се фокусирани на можности за волонтирање и професионални обуки, но на ниту еден од веб-порталите на македонските универзитети не се наоѓаат понуди за работен ангажман со скратено работно време.

Од друга страна, прашањето за потребата на студентите од работа со скратено работно време не е доведено на одговорност на Агенцијата за вработување на Република Македонија, бидејќи програмите за вработување на лица под 29 години се предвидени за лица кои активно бараат работа и се трајно заведени како невработени. Приватните агенции за вработување пак, известуваат дека шансите за наоѓање на работа со скратено работно време во Македонија се значително мали.

Што им преостанува на македонските студенти во една ваква ситуација, кога нивните можности да ги зголемат своите приходи, а притоа да не ги загрозат своите студии се значително ограничени? Едно од можните решенија се услугите кои ги нудат одредени организации како “Work and Travel” нудат опции за неколку-месечна работа во странство, при што студентите би можеле да заработат во период помеѓу испитни сесии. Но истите вклучуваат напуштање на домот и семејството, дополнителни трошоци за живот во странство, а често и се ограничени само на студенти со познавање на јазикот во односната држава. Повторно, се соочуваме со ситуација во која понудите се мали, а можностите ограничени.

Сето тоа укажува дека единствен начин конечно да се стави крај на потешкотиите на кои наидуваат студентите при барањето на погодна работа со скратено работно време е самите универзитети и студентски организации, следејќи ги светските трендови во образованието и студентскиот живот, да воспостават програми и одделенија преку кои студентите полесно и побрзо ќе најдат работа која ќе се вклопи во нивниот напорен животен стил. Единствено на овој начин би можеле да очекуваме пораст на студентскиот животен стандард, како и воспоставување на попривлечни услови за младите да се образуваат, а притоа да бидат самостојни и само-издржани.

Софија Панева

Текстот е напишан во рамките на работилницата посветена на студентскиот стандард, која ја организира Радио МОФ од 27 до 29 септември годинава.