Секој човек, со самото свое раѓање, се соочува со неизбежната судбина еден ден да стане статуа. Тој процес може да биде или банален, или една од најубавите работи што можат да му се случат на кој било човек – сè зависи од тоа колку долго човек ќе издржи пред да стане статуа.
Некои луѓе се раѓаат и веднаш почнуваат да работат на својата конечна форма, послушно примаат материјали и навики од светот околу себе – по линија на помал отпор ги прибираат оние што ќе им се најдат при рака, најлесните и безгрижно ги лепат врз своите гладни скелети и образи. Овие луѓе најбрзо стануваат статуи. Стојат цврсто на нозе, но на едно место – исклучиво на својата света земја која отсекогаш била само нивна. Набрзо остануваат закопани во својата „паланка“ (затоа што секое место е проста „паланкa“ ако не се спореди со друго место) и никој ништо не им може. Тоа се живи статуи. Незаменливи за своите, погубни за сите различни од нив. Сакаат по природа, мразат по потреба. Ни за момент не престануваат да им се восхитуваат на татковците. Шупливи се. Како ќе ги наместиш, така стојат. Никогаш не прашуваат: „Зошто?“ Ништо не доведуваат во прашање, беспрекорно се сигурни во себе. Оценуваат сè, не ценат ништо. Можеш да ги сретнеш секој ден на истото место. Итри се. Се жалат за истите работи, засекогаш, а всушност самозадоволно уживаат под својата тенка позлата сè додека правта на навиката не се напласти врз нив како мачна патина и патење. Предоцна ја спознаваат различноста, па неискалени од два ветра и малаксани од новиот страв од несигурност и страдање, се рушат предвреме. Зад нив, од нив, останува само прашина.
Некои луѓе се раѓаат и долго време одбиваат да заземат определена форма. Растејќи, стануваат свесни дека светот е направен од различни материјали, затоа и самите одбиваат да изберат само еден, еднаш и засекогаш, без да испитаат поголем број од нив. Најпосле, виделе доволно за да знаат дека нема најдобар и најлош материјал. Сакаат да направат промена во светот околу себе. Ја почитуваат различноста. Под притисок, сепак, откриваат дека полесно е да бидат лицемери. Брзо се откажуваат од идејата да направат промена во светот околу себе. Љубопитни се, но никогаш премногу. Постојано проценуваат. Умерени се. Повеќе се паметни отколку итри. Со првите знаци на студенило и рамнодушност врз лицето почнуваат да се претвораат во статуи. Сепак, сеќавањата не оставаат кожата на лицето да стане тврда корупка. Во еден момент, штом наеднаш се изморат, заземаат конечен облик. Најчесто стануваат статуи пред староста. Штом сеќавањата станат пепел во ветер. Почнуваат да ги повторуваат истите зборови. Се борат со тежината на сопственото тело. Сè до мигот кога стануваат совршено неподвижни. Тогаш статуите одат под земја. Редовно остануваат запаметени како добри луѓе.
Некои луѓе се раѓаат и веднаш влегуваат во конфликт со сопствената форма. И со најголем број од формите околу нив. Најдобро се снаоѓаат кога ракуваат со нови материјали. Експериментираат. Убиствено се љубопитни. Менуваат материјали. Невнимателно. Се повредуваат. Ги повредуваат оние околу нив. Страдаат. Не се сигурни во ништо. Не веруваат во ниедна идеја, веруваат секому. Гледаат како многумина околу нив стануваат крути, ладни, со точно дефинирани навики. Најпрво ги презираат. Потоа им завидуваат. Потоа стануваат едно со нив. Стануваат едно со сè. Почнуваат да заземаат извесен облик. Го губат. Одново страдаат. Откриваат нови насоки. Ценат сè. Сфаќаат дека секој материјал реагира различно на различни влијанија. Сакаат да знаат што е можно повеќе влијанија и реакции. Целта е секогаш една, но тие знаат дека има многу патишта и патчиња до неа. Сакаат да ги систематизираат знаењата. Сакаат да ги пренесат. Повеќе се наивни отколку паметни. Никогаш не престануваат да веруваат дека нешто може да се смени. Укажуваат на потребата од различност. Од патувања. Наградуваат со добрина. Навредуваат со добрина. Имаат расчистено со привидот на формата. Имаат сто години на лицето, дваесет во очите. Телата им стануваат бавни, но тоа не се забележува. Најпосле, кога ќе ги легнат на грб, тие се само навидум неподвижни. Дури откако ќе ги закопаат под земја, стануваат статуи. Вистински. Над земја.
Само оние што одбиваат да се претворат во неми статуи додека се живи стануваат живи споменици по својата телесна смрт. Тоа се споменици-светилници. Просветители.
Досега сум се запознала со неколку вистински просветители. Повеќето од нив се стари луѓе и можеби затоа застрашувачки инспиративно делуваат врз мене кога гледам како крвта сè уште тивко им клокоти. И после сите битки со мракот врежани во браздите на лицата, нивната љубопитност и посветеност остануваат светилник во споулавеното невреме на денешницата. Тука се со нас за да ни кажат дека времето никогаш не било добро и дека никогаш не било подобро. Тие се отворен и широк пат кон добрината и убавината. Самата нивна појава предизвикува чувство на надеж. Секоја минута мината со нив е лекција, а по секоја разделба во мене се засилува желбата да дејствувам, сега и тука.
Наспроти нив, тука е купот лажни просветители. Ова се дезориентирани референтни точки, изгубени луѓе што некако успеале да се закотват во наставничка или професорска фотелја, иако воопшто не се свесни за одговорноста што оваа професија ја носи со себе. Наспроти кротката природа на големите учители, тие најчесто тренираат строгост која неретко преминува во просто навредување. Ги има во најразлични форми, но она што им е заедничко е нивната суета која е безгранична. Понекогаш се одликуваат со незнаење во најневина форма, а понекогаш со чист простотилак. Ако вистинските просветители имаат сопствено мислење за проблемите што ги опкружуваат, овие другите остануваат дволични безрбетници, неми статуи кои ги премолчуваат штетните појави без трошка обѕир кон важноста на ставот кои се должни да го искажат. Ако вистинските просветители се отворени за нови искуства, овие другите се закоравени и изолирани, без потреба и можност за промена. Ако вистинските просветители со личниот пример влеваат надеж, овие другите со својот личен пример покажуваат како некадарни личности можат да се најдат на клучни позиции, со својот личен пример им потврдуваат на младите дека треба да се снајдат и со тоа ја убиваат надежта кај нив, а тоа е најстрашното. Овие лажни просветители можат да се споредат со лажни светилници што несреќно ги водат студентите-бродови во тажни, опасни води. Овие заталкани личности, со сопственото незнаење, суета и малодушност нанесуваат ужасна штета.
Редовно, кога некој ја критикува државата, вели дека не функционира правниот систем, не чини здравството, корупцијата „цвета“, дека сè е исполитизирано… А ретко кој обрнува внимание на суштинската важност на образованието. Сите гледаат како сè поголем број млади си ги пакуваат куферите и заминуваат, а никој не забележува како тоа се случува пред беспрекорно индолентните очи на професорите. Сите ги обвинуваат политичарите, а ретко кој забележува дека лошото образование е она што создава несвесен народ кој бира лоши политичари. И одново, лошите политичари го расипуваат образованието и носат некадарни личности на просветителските работни места, а тие произведуваат неписмено население, шупливи статуи кои бираат лоши водачи. Таа проклета спирала води кон откривање ново дно.
Образованието е кревката срж на секое општество. Страшно е тоа колку денес просветителската професија е потценета. Потценета е од самите професори – помирени, лицемерни статуи без став и крв, потценета е и од студентите кои едвај успеваат да ги препознаат можностите од независното дејствување и најпосле, потценета е и од родителите кои, заглибани во сопственото незнаење, ниту се интересираат за тоа кој ги образува нивните деца, ниту ги учат на подигање иницијатива.
Ако не се води сметка за образованието, тоа значи дека не се води сметка за изворот – затоа, не треба да нè чуди што целото наше општество станува сè позаразено со духовна и материјална беда. Ако не водиме сметка за образованието, не треба да се чудиме што околу нас сè почесто се движат живи статуи, опасни по себе и по сите околу себе.
Тукушто се враќам од факултет. Заедно со други колеги се обидовме да издејствуваме замена на една штетна личност која по којзнае каква случајност работи како наш професор. Тоа го направивме на сосема пристоен и отворен начин – составивме петиција и ја поднесовме до Ректоратот. Јас, како првопотпишана, набрзо бев повикана од професорот во неговиот кабинет. Тој ја изгаси цигарата врз нашата петиција и ми порача дека нема да го завршам факултетот додека е тој таму. Уште ми порача и дека треба да го смениме мислењето за него, затоа што „само статуите не го менуваат мислењето“. Ми порача да не бидеме статуи.
Моментално се подготвува нова петиција за замена на професорот затоа што сите сме согласни дека тој нанесува непоправлива штета и дека тоа не смее да продолжи.
Се наоѓаме на почетокот на нова академска година. Го пишувам овој текст со надеж дека јасно ќе го пренесам мојот став околу тоа колку е важно да се има квалитетни професори затоа што лошите професори се сериозни проблеми, а ние не треба да бидеме рамнодушни кон проблемите. Да не бидеме студени и самодоволни. Да не бидеме статуи.
Симона Д.
Извор: Излез