Владата ќе ги прифати сугестиите на Венецијанската комисија кои се однесуваат на вонбрачната заедница и животното партнерство, изјави денеска министерот за правда Аднан Јашари за извештајот на ова тело на Советот на Европа, за предложените уставни измени.
– Свесни сме за сензитивноста на оваа материја и нашите решенија содржани во предлог-амандманите ќе се движат во насока правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница да се уредат со закон што се донесува со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, рече Јашари.
Посебно место во Нацрт-амандманите посветиле на бракот, бидејќи според Јашари, бракот и семејството се наоѓале на врвот на пирамидата на општествените вредности во Македонија.
– Во однос на ова решение Венецијанската комисија наведува дека Европскиот суд за човекови права доследно смета дека член 12 од Европската конвенција за човекови права (право на брак) таквите прашања ги остава за регулирање на националното право на земјите-членки, вели Јашари.
Венецијанската комисија во својот извештај нагласи дека не е добро да се менува Уставот кога опозицијата не е во парламентот. Според неа, иако владејачкото мнозинство ќе обезбеди дво-третинско мнозинство, сепак нема да биде овозможена вистинска дебата за едно големо политичко прашање како што се измените во Уставот.
Комисијата исто така нагласи дека не постои потреба бракот да се дефинира со Уставот како заедница меѓу еден маж и една жена бидејќи тоа е веќе регулирано со закон, а имаше и сериозни забелешки за другите предложени уставни измени, како формирањето меѓународни финансиски зони.