„Таксират“ фестивалот годинава ќе се одржи на 7 декември, на стандардната локациј, „Метрополис Арена“ во Скопје. Како прво звучно име кое ќе настапи на 16. издание на фестивалот се најавува култната хрватска електро-поп група „Денис & Денис“.
„Скопје веќе 16 години по ред има свое скришно место за сите кои ја делат страста кон добрата музика и одличниот провод, но и една уникатна приказна од културната сцена на градот која секоја година покажува дека илјадници млади луѓе имаат свој „Таксират“ вреден за пркос на секојдневието“, посочуваат организаторите на „Таксират“.
Групата „Денис & Денис“, предводена од славната пејачка со еден од најсексапилните вокали во регионот Марина Перазиќ и клавијатуристот Давор Тоља, по пауза од 25 години, повторно се врати на сцената во својот оригинален состав заедно со Еди Краљиќ, но и сите членови на претходните состави, прославувајќи 30 години од нивниот прв настап.
Групата која ја освои публиката и медиумите во 80тите години на минатиот век и освои признанија за најдобра група, албум, пејачка, спот, шоу и изроди бројни хитови кои и денес редовно се вртат на радио станиците, година дена по повторното оформување одржа бројни одлично прифатени концерти, објави нов албум и конечно доаѓа пред македонската публика која ќе има можност да се забавува на хитовите како „Program tvog kompjutеra“, „Soba 23“, „Ja sam lažljiva“, „Voli me još ovu noć“ и многу други.
„Денис & Денис“ започнаа со работа во 1982 година, кога по распадот на составот „Vrijeme i zemlja“, Давор Тоља го оформува дуетот со Марина Перазиќ. Групата многу брзо постигна успех, за што беа заслужни ефектните демо снимки и сексапилниот вокал на Марина и речиси преку ноќ ги освоија сите радио станици во поранешна Југославија. Првиот настап го имаат кон крајот на годината во риечката „Дворана младости“, а подоцна го објавуваат првиот студиски албум под наслов „Čuvaj se!“, кој беше најавен со хит синглот „Program tvog kompjutera“.
Албумот „Čuvaj se!“ во списанието „Рок“ е прогласен за најдобар албум во 1984 година по мислење на критиката и публиката. Следната година го снимаат мини ЛП изданието „Ja sam lažljiva“ со што постигнуваат уште поголема популарност. Во септември 1986 година таа заминува од групата и кратко се посветува на својата соло кариера, објавувајќи го самостојниот албум „Марина“ на кој најмногу се истакнува песната„Kolačići“. Давор Тоља и Еди Краљиќ продолжуваат да творат како „Денис & Денис“ и го собираат концертниот состав на групата преоѓајќи повеќе кон рок музика. Албумот „Budi tu“ го објавуваат во 1988 година, а по низа одржани концерти истата година групата престанува со работа.
Во септември 2012 година основачот и автор на песните, Давор Тоља ја најавува регионалната турнеја на групата „Денис & Денис“, со сегашните и поранешни членови на групата, со која ги одбележаа 30-те години од својот прв настап одржан во 1982 година. Кон крајот на 2013 година со пејачката Руби Монтанари Кнез го објавуваат новиот албум под наслов „Restart“. Оваа година пак, „Денис & Денис“ конечно прв пат ќе гостуваат и во Македонија со концерт во рамки на „Таксират“ фестивал.
Покрај главната фестивалска вечер, шеснаесеттото издание на „Таксират“ подготвува и дополнителна офф-програма во чии рамки е најавено повторното одржување на „Лузер Фест“ на 29. ноември во МКЦ.