Членови на Сојузот на композиторите на Македонија и Македонската асоцијација за електроакустична музика (МЕМА), претстојниот викенд ќе ја посетат Холандија, каде во соработка со Универзитетот од Утрехт и студиото STEIM од Амстердам ќе имааат концерти на електроакустична музика на кои ќе бидат претставени дела од македонски и холандски композитори.
Домаќин на првиот креативниот „судир“ на двете култури ќе биде STEIM – студиото за електро-инструментална музика кое е независен електронски музички центар во Амстердам посветен на живи изведби на електронска и електроакустична музика.
„Уметничките и техничките оддели на STEIM поддржуваат цела меѓународна заедница на изведувачи, музичари и визуелни уметници да развијат уникатни инструменти за својата работа. STEIM предводи и интересна програма на резиденти каде на уметниците им се овозможени сите услови за да креираат“, се наведува во соопштението.
На концертите во Амстердам и Утрехт ќе учествуваат и двајца членови на Ансамблот за современа музика “ConTempora”, Катерина Бачевска (флејта) и Нинослав Димов (саксофон).
На програмата се делата “Zither Smither” на Александра Поповска и Sjoerd Leij, “Controcorrente” на Иван Пенов, “Blagoveshtenije 07.04” на Роберт Саздов и “Sabda Vidya No.2” на Мирослав Спасов, а од холандските автори со свои композиции ќе бидат застапени Marcel Wierckx, Hans Timmermans и Gerjan Piksen.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Македонија.