Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕСРА денеска напладне (29 октомври) организира портрет на македонскиот алпинист Јован Попоски по повод 50-годишнината од неговото прво искачување на највисокиот врв во поранешна Југославија, Триглав.
– Во сите овие пет децении Попоски учествуваше во македонските експедиции кои ги освоија најзначајните врвови на светот, како и во првото освојување на Еверест, заедно со легендата на македонскиот алпинизам Димитар Илиевски-Мурато, за што во рамките на церемонијата ќе биде прикажан и документарен филм, соопшти ЕСРА.
Специјални гости на настанот ќе бидат Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Владимир Андреевски-Пајо, кои заедно со Попоски беа дел од историската експедиција на Монт Еверест. Најавено е и учество на Васил Тупуркоски, претседател на Македонскиот олимписки комитет и Игор Талески, претседател на Македонската алпинистичка федерација.