Ќе се санира паднатиот покрив во читалната на студентскиот „Гоце Делчев“, информираа доцна попладнево од Државниот студентски дом „Скопје“, по објавувањето на фотографиите на Радио МОФ кои покажуваат дека сериозно е загрозена безбедноста на студентите кои сакаат да учат во просторијата.
„Државниот студентски дом „Скопје“ веќе презема активности за санација на состојбата. Имено, во изминатиот период се вршеше набавка на потребните материјали за привремена санација на читалната,се додека не се изврши и целосна нејзина реконструкција“, се наведува во нивната реакција.
Тие додаваат и дека во тек е етапна реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“, а апелираат и „на воздржаност од користење на сензационалистички наслови во известувањето за студентскиот стандард од страна на медиумите“.
Радио МОФ пак најавува дека и понатаму ќе продолжи објективно да известува за теми од интерес на студентите, а впрочем како и секогаш до сега, ќе инсистираме на одговори од надлежните институции, вклучувајќи го и Државниот студентски дом „Скопје“.
Инаку читалната во студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше реновирана пред само две години, со пари од студентите кои се собираа од страна на Студентскиот парламент.