Во организација на Културно информативниот центар (КИЦ) од Скопје, во вторник (4 ноември) во 20:00 часот, во Изложбениот салон – Империјал 2 ќе се отвори изложбата „WO-MAN” на академската уметница Христина Зафировска.
Проектот со наслов „WO-MAN” на Христина Зафировска нуди една лична критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата.
– Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување. Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, сѐ понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова/родова еднаквост и за жал, во современите рекламни кампањи (базирани врз телесната појавност), речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност, вели кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Авторката има дипломирано на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на смерот сликарство со графички дизајн. Зафировска во моментов е магистрант на Факултетот за дизајн и мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото.
Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, во Европа и пошироко.
Изложбата „WO-MAN” ќе биде отворена до 15 ноември.