Надворешното (екстерното) испитување на студентите не соодветствува со правниот поредок на Република Македонија поставен со донесувањето на Уставот на РМ. Имајќи ја предвид одредбата од членот 46 на Уставот на Републиката, во која одредба се гарантира автономијата на универзитетот, воведувањето (и спроведувањето) на вакво надворешно испитување на студентите е во директна колизија со таа одредба.
Автономијата на универзитетите, како поим, треба да биде толкувана согласно целокупниот „дух“ на Уставот, основните вредности на правниот поредок, ставовите на правната доктрина и правната практика во и надвор од Република Македонија.
Постојат мноштво обработки на поимот автономија на универзитетите. Една од најзначајните конференции во меѓународни рамки, која е посветена на автономијата на универзитетите е Меѓународната конференција за академска слобода и автономија на универзитетите одржана од УНЕСКО (UNESCO) во Романија во 1992 година (*1). Покрај УНЕСКО, конференцијата ја поддржале Советот на Европа, како и неколку значајни сојузи (унии) на ректорати. Со оглед на тоа дека Република Македонија декларира дека цели кон следење на основните процеси во Европа и пошироко, ставовите искажани на оваа Конференција се исклучително значајни при толкувањето на поимот автономија содржан во нашиот Устав. Во заклучоците на оваа Конференција се истакнува дека „автономијата може да биде гледана од негативна и од позитивна перспектива“(*2).
Првата го опфаќа „исклучувањето на било кое право на страна на државата или пак било кое друго политичко, религиозно или идеолошко тело да се вмешува во универзитетските операции и прашања или да поставува рестрикции во однос на истите. Втората (позитивната) пак, во себе го вклучува „институционалното право на универзитетот, целосно да ги ужива академската слобода и самостојното водење, земајќи ги предвид внатрешните активности“(*3). Вака поставената автономија, понатаму во тек на Конференцијата се обработува како апсолутна слобода при донесувањето на низа одлуки, кои меѓу другото го опфаќаат и наставниот материјал за разните предмети и оценувањето на студентите за истиот, како и одлучувањето кои лица ќе можат да студираат. Спроведувањето пак на државен испит, би довело до невозможност за „слободно одлучување“ од страна на универзитетите, земајќи го предвид фактот дека таквото испитување би значело дека на секој универзитет (и во тие рамки на секој факултет) – наставната програма треба да ги вклучува потполно истите предмети, а и по секој предмет треба да биде единствена и еднолична. Оттаму, спроведувањето на државни испити за студентите е во несомнен судир со поимот автономија бидејќи се повредува основното право на универзитетите да ја обликуваат сопствената наставна програма, да ги оценуваат сопствените студенти, како и да одлучат кои лица ги исполнуваат условите да ги завршат студиите.
Поимот автономија, дополнително, е обработен од страна на Европската универзитетска асоцијација (во натамошниот текст: ЕУА). Иако, универзитетите во Република Македонија не се членки на оваа асоцијација, самиот факт дека тука членуваат најуспешните универзитети на Европското тло е достатен за почитување на ставовите на ЕУА. Во своите обработки ЕУА, истакнува дека автономијата како поим се состои од четири димензии – организациска, финансиска, автономија во поглед на кадрите и академска автономија(*4). На ова место би се задржале на академската автономија. Како димензија на автономијата на универзитетите, академската автономија во себе вклучува повеќе индикатори. Според ЕУА, меѓу другото, тука влегуваат одлуките во поглед на:
– условите за прекинување на студиите,
– изборот на механизми за зачувување на квалитетот на студиите,
– наставната програма.
Со оглед на тоа дека основните аргументи во поглед на оправданоста за спроведувањето на екстерно тестирање за студентите, беа насочени токму кон овие горенаведени прашања, станува јасно дека Република Македонија со спроведувањето на екстерното тестирање би се оддалечила од основните процеси во поглед на автономијата на универзитетите на Европско тло. Тоа оттаму што:
– прво, екстерното тестирање би им оневозможило на универзитетите самостојно да одлучат кои студенти ќе ги продолжат (или прекинат) студиите, поради тоа што оние студенти кои нема да го положат екстерниот испит ќе бидат спречени да продолжат со сопственото високо образование,
– второ, би им оневозможило сами да одлучат каков механизам да воведат со цел одржување на квалитетот на образованието (односно не им се дозволува на универзитетите на одлучат дали надворешното/екстерно испитување е соодветен механизам) и,
– трето, како што веќе беше наведено, доколку државата ги тестира студентите тоа би довело до состојба во која на сите универзитети (и во нивни рамки на сите факултети), ќе биде неопходно да се предаваат истите предмети, по истите наставни програми и од истите литературни извори.
Покрај овие обработки на поимот автономија, неопходно е да се осврнеме кон домашниот правен поредок и неговите вредности. Земајќи ја предвид демократијата како основна вредност на поредокот кој го воспоставува Уставот на Република Македонија, неопходно е да се изврши поврзување токму тој поим и автономијата на универзитетот. Доколку демократијата се набљудува како еден идеал, односно како едно совршенство, тогаш посоодветно би било да се говори за еден непрекинат процес на демократизација. При таквата концепција, јасно е дека тој процес во себе би ги вклучил политичкиот плурализам, слободата на мислата, слободата на изразувањето на таквата мисла итн. Од друга страна автономијата на универзитетот доведува до интелектуална автономија, односно самостоен пристап при интелектуалното обликување на студентите, што би се јавило како предуслов за спроведување на овие составни елементи на демократијата.
Диктирањето на универзитетските одлуки од страна на државата, кои (посредно или непосредно) влијаат на интелектуалниот развој на студентите доведува до намалување на просторот за развивање на прогресивна мисла, развивање на сопствени претстави за светот во кој студентот живее, како и искажувањето на таквите мисли и претстави. Тоа пак, директно влијае на политичкиот плурализам, бидејќи спротиставените гледишта и ставови, се негова основна претпоставка. Поради тоа, со цел да може да биде спроведуван демократскиот процес без препреки, неоходно е да постои автономија на универзитетот која во себе би вклучила, право на самите универзитети да донесуваат одлуки во поглед на нивното раководство, вклучувањето во меѓународни здруженија, академската структура, бројот на студенти, наставната програма на разните факултети, наставната програма, критериумите за оценување при спроведувањето на испитувањето, како и бројни останати прашања. Во спротивно, би постоела непремостлива пречка за спроведување на политички плурализам, слободно обликување на мисла и слободно изразување на истата.
Покрај наведените, постојат и мноштво останати обработки на поимот автономија, во рамките на правната доктрина или пак правната практика, низа на конференции и декларации, од чија содржина (несомнено) произлегува заклучок дека воведуваањето (и спроведувањето) на екстерно тестирање во високото образование е спротивно на самостојното одлучување на универзитетите. Имајќи ги предвид таквите концепти, јасно е дека станува збор за несоодветен метод за постигнување на поставените цели, поради колизијата со Уставот на Република Македонија, меѓународните акти, концепции и правната доктрина.
Константин Битраков, студент на Правниот факултет во Скопје
Ставот на авторот е презентиран на конференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“
*1 Academic Freedom and University Autonomy, proceedings of the International Conference, 5-7 May, 1992, Sinaia, Romania, CEPES Paper on Higher Education, достапна на http://unesdoc.unesco.org/
*2 Ibid, страна 40
*3 Ibid, страна 41.
*4 http://www.university-autonomy.eu/