Конкурс за наградата „Жан Моне“ 2014

Делегацијата на Европската унија го објави конкурсот за наградата „Жан Моне“ за 2014 година. Ова е 12-то издание на конкурсот за најдобри достигнувања во покривањето на теми поврзани со ЕУ и со пристапувањето на земјата кон ЕУ.

Наградата ќе биде доделена во три натпреварувачки категории – за најдобар новинарски напис (за написи објавени во печатени медиуми и/или на интернет), за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатените медиуми и/или на интернет) и за најдобра аматерска фотографија

Творбите што ќе учествуваат во категоријата за најдобар напис треба да бидат авторски написи за ЕУ и за пристапувањето на земјата кон ЕУ, објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 15 ноември 2013 и 17 ноември 2014.

Жирито ќе го оценува изборот на текстовите врз основа на номинацијата од главните уредници на печатените медиуми со национална дистрибуција или на домашните веб-страници (со повеќе од 10.000 посети во моментот на објавувањето на ова известување).

Се очекува главните уредници да номинираат до Делегацијата на ЕУ по еден новинар што во текот на целата година пишувал на теми поврзани со ЕУ и да испратат најмногу 5 статии по номинација. Можат да бидат поднесени и индивидуални записи на новинари.

Конкурс за најдобра репортерска фотографија е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од земјата, кои ќе можат да испратат најмногу три фотографии за теми поврзани со ЕУ, објавени во периодот помеѓу 15 ноември 2013 и 17 ноември 2014.

Наградата во овие две категории е статуетка, диплома и парична награда од 1.000 евра.

Конкурсот за аматерска фотографија е отворен за сите фотографи-аматери од земјата, кои може да достават една фотографија на тема поврзана со ЕУ или со пристапувањето на земјата кон ЕУ. Фотографиите што се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора да бидат претходно објавени. Наградата во оваа категорија е диплома и парична награда од 500 евра.

Извор