Работа во државната администрација, наместо во приватниот сектор е тренд кој веќе неколку години ја следи младата популација во земјава. Последните истражувања на оваа тема го покажуваат истото, а тоа е фактот дека голем е процентот на млади кои по завршувањето на високото образование сакаат да бидат згрижени на државни јасли, јавува Радио Слободна Европа.
„Во државна администрација, да.“
„Јас сум студент и сакам да бидам наставник, приватните компании помалку пари даваат.“
„Би сакал тука да се вработам“, велат анкетираните млади луѓе.
Но, желбите се едно, а реалноста друго. На прашањето, пак, дали и колку е тешко да се најде работа во државната администрација, скоро сите го дадоа истиот одговор.
„Во право време да се поднесе апликација и веројатно до образованието.“
„Партиска книшка, се знае.“
„И знаење и врски и партија.“
„Нема вработување без партиска книшка.“
„Партиска книшка, друго ништо“, велат младите.
Дека желба на најголемиот број млади е да се вработи во јавната администрација покажале и истражувањата на невладината организација АГТИС. Александар Цветкоски од ова здружение причините за ова ги гледа во традицијата, сигурноста и флексибилноста кои ги нудат работните места таму.
„Многу малку се работело, имале многу слободно време, и како што самите велат, луѓето се господа кога се вработени во држава администрација. Дел од тоа мислење и ден денеска постои и обично родителите ги насочуваат дека е многу добро или да одат во странство да работат за некои поголеми пари или да се вработат во јавна администрација“, изјави Цветкоски.
Токму во подобрување на квалитетот на високото образование, Цветкоски го гледа излезот од ваквата перцепција за перспективата на младите во Македонија. Ако факултетите ви се стереотипни и неприлагодливи на пазарот на трудот во вашето стопанство, тогаш имате две опции – вработување во државна администрација или работа во странство, вели Цветкоски.
„Подобрувањето на високото образование би требало да биде алфа и омега, значи не во секое село да имаме факултет, туку да има неколку силни факултети кои ќе даваат кадри. Мислам дека од скопскиот универзитет, тие што се од Машински, Електро, Медицина, дека можат да се вработат каде што сакаат во светот, тие факултет се признати“, вели Цветкоски.
И според податоците од анкета со која располага Министерството за економија, повеќето студенти како најпривлечно место за работа ја гледаат јавната администрација. Само осум отсто од анкетираните изјавиле дека сакаат да почнат сопствен бизнис.
Последната анкета на факултети.мк покажала дека високи 48 отсто од младите сонуваат за работа во државната администрација, наспроти 52 отсто кои сакаат да работат во приватни фирми.