„Истрагата е во тек…До кога?“ Ова е пораката на ЛГБТИ активистите и поддржувачите кои денеска се собраа на протест пред Јавното обвинителство, со кој побараа институциите да ја завршат својата работа и да ги пронајдат напаѓачите кои го демолираа кафе барот „Дамар“ .
Активистите на протестот одбија да дадат изјави за медиумите бидејќи според нив, обвинителството е тоа кое треба да излезе со информации за нападот кој се случи за време на роденденската прослава на ЛГБТИ Центарот за поддршка, како и за претходните напади врз ЛГБТИ заедницата.
Дел од демонстрантите го блокираа влезот на обвинителството и на неколку вработени не им дозволија да влезат во зградата и ги замолија да дојдат подоцна.
Веднаш откако заврши протестот, на инсистирање на новинарка од Нова ТВ, јавниот обвинител Марко Зврлески даде изјава за медиумите и рече дека не е известен за тоа колку и какви напади имало врз ЛГБТИ лицата.
– За протестот не сум запознаен сега од вас дознавам, во однос на тоа дали се преземаат дејствија секако дека се преземаат, во рамките на оперативните задачи кои ги добиле надлежните служби на јавното обвинителство. Не сум известен за тоа колку напади и какви напади имале, во јавното обвинителство можеме да провериме дали имаат пријавено настан и што потоа е постапувано, рече Зврлески.
Во нападот на кафе барот, кој беше шести по ред врз ЛГБТИ заедницата, беа повредени две лица, откако насилна група од 20 до 30 лица започнала да мава со стаклени шишиња кон гостите, кои присуствувале на прослава по повод две години од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.
К.О.