Бразилската кинематографија годинава доби посебно место на филмскиот фестувал Синедејс, кој од 13 до 22 ноември се одржува во Скопје. Во Кинотеката на Р. Македонија, како дел од селекцијата бразилски филмови скопската публика имаше можност да го погледне филмот „Cidade de deus“ или „Градот на Господ“. Дејството во филмот се одвива во „Градот на Господ“, фавела или гето лоцирано во Рио Де Женерио кое претставува мал град во град, воден од дилери на дрога каде насилство и убиство на деца од страна на деца е секојдневна појава.
Приказната почнува во раните фази на Градот на Господ , каде се дава објаснување од главниот лик Ракета за тоа како фавелата била користена како депонија за најнепожелните жители на Рио во 1960-тите. Тука се гледа и почетокот на самите проблеми на жителите на Градот, сиромаштијата, пренаселеноста, ситниот криминал, полицијата која прво пука, а потоа поставуа прашања. Приказната се одвива околу двајца ликови од фавелата, едниот е Ракета кој сака да стане познат фотограф и да избега од фавелата, а другиот е Лил Зи, кој станува моќен водач на банда и дилер на дрога.
Филмот нуди одличен поглед на гангстерскиот живот во фавелите на Бразил низ 60, 70 и 80-тите и покажува како насилството води кон уште повеќе насилство. Ова најдобро се гледа преку приказот на другите, споредни карактери кои ја имаат вистинската идеја, замисла, знаење и храброст за тоа како да избегаат од гетото, но на крајот секогаш завршуваат назад во овој злобен циклус на насилство.
Кулминацијата на дејството е во војната која почнува помеѓу бандата на криминалци предводена од страна на Лил Зи и спротивната банда составена од идеалистички неранимајковци предводени од Нокаут Нед. Но режисерот е внимателен и не го претвора Нокаут Нед во херој.
Главниот лик Ракета кој е фатен во средина на целата оваа агресија ни ја пренесува иронијата на целиот филм:
„На крајот, после години борење, никој не можеше да се сети како се почна“.
Војната станува начин на живот во фавелата. Прифаќањето во една од бандите им дава на уличните деца кредибилитет, и уште повачно, им дава пристап до оружје.
Сепак ова е еден од најдобрите јужноамерикански филмови, бидејќи е одлично направен, со извонредна продукција која може да се спореди со холивудските остварувања. Овој филм ја носи извонредната приказна за една друга страна на Бразил и Рио Де Женерио, која никогаш нема да ја видите на разгледниците и туристичките водичи.
Томислав Тодоровски