Над две илјади студенти маршираа низ Скопје и кажаа „не“ за екстерното тестирање

Над две илјади студенти излегоа на скопските улици да маршираат со цел властите да се откажат од идејата за воведување екстерно тестирање на универзитетите. Со почеток од пред платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , студентите ги блокираа улиците и се упатија кон Министерството за образование и наука, со повремени застанувања пред Влада и седиштето на Студентскиот парламент.

Во говорот пред почетокот на маршот, членовите на иницијативата Студентски пленум изразија револт поради уништувањето на високото образование во земјава, ги повикаа студентите да се разбудат и побараа присутните да не подлегнуваат на партиски и други  провокации. Сепак, додека студентите се движеа кон седиштето на Студентскиот парламент, одреден член од толпата извади знаме кое веднаш беше тргнато од останатите.

марш

Студентите симболично го „погребаа“ Студентскиот парламент поради непреземањето одговорност и став како легитимно претставничко тело на студентите. Тие поставија венци пред вратите на Парламентот и ги повикаа да излезат, но начекаа само заклучени врати.

марш

Крајна дестинација на студентите беше Министерството за образование и наука, каде бараа да излезе министерот Абдулаќим Адеми и да се соочи со нив. Откако немаше никаква реакција, присутните побараа оставка од министерот. Подоцна, двајца претставници на студентите беа пуштени да остават писмо упатено до министерот на портирницата на Министерството.

марш

Во писмото, студентите уште еднаш ги искажаа аргументите според кои сметаат дека екстерното тестирање се коси со правото за образование и автономија на образовните институции. Тие сметаат дека ваквиот потег не е неопходен и дека нема основа.

Протестот беше мирен, без инциденти и со силно полициско обезбедување.

фокус

Е. П.