Под силно полициско обезбедување стотина активисти, претставници на невладини организации и граѓани излегоа на денешниот „Марш на толеранција“ кој се организира под мотото „Правда! Слобода! Еднаквост!“
Групата се собра пред Музејот на Град Скопје, од каде точно во 5 минути до 12 часот тргна по улица „Македонија“, преку улицата „ 11 Октомври“, за да стигне до Владата на Р. Македонија каде присутните со 3 минутно молчење го искажаа својот револт поради кршењето на човековите права во земјава.
Маршот потоа продолжи по зацртаната рута, кон мостот Гоце Делчев до платото пред Универзитетот на ЈИЕ, каде што е најавен сценски и диџејски настап.
– Говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес. Последиците директно ги чувствуваат граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно се лишени од соодветно остварување на правата од здравствената заштита, образование, социјални услуги, еднаков пристап при вработување како и еднаков пристап до правда и почитување на нивната различност. Човековите права и слободи, владеењето на правото и слободата на говорот останаа да бидат само декларативни заложби на хартија. Меѓународниот ден на толеранција е денот кога ја искажуваме својата загриженост за ваквите сериозни нарушувања на состојбите со човековите права и слободи во Република Македонија, беше наведено во повикот за маршот.