Група млади, средношколци и студенти преку флешмоб настан кај автобуската станица спроти Градската болница во Скопје, вчера побараа повеќе ноќни автобуски линии во главниот град.
Младите со шатори и вреќи за спиење, симболично испратија порака дека доколку не се воведат дополнителни ноќни автобуски линии, ќе мора да преспиваат на автобуските станици.
Тие потсетија дека се потребни повеќе и почести ноќни автобуски линии за младите кои го користат јавниот превоз од најразлични причини како едукација, тренинг или излегување. Според организаторите, акцијата има за цел и да го покрене прашањето за безбедноста на младите во јавниот автобуски сообраќај.
Тие поделија флаери и залепија постери низ поголем број на автобуски станици како и основни и средни училишта во Скопје. Младите кои се дел од иницијативата велат дека побарале и да се сретнат со раководните лица од ЈСП околу можноста за воведување на повеќе ноќни линии во главниот град.
Иницијативата е поддржана од Националниот младински совет преку проектот Младинско граѓанско образование.