Воведувањето државен испит ќе помогне како гаранција дека најмалку секој студент ќе има знаење за преодна оценка, рече денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната 23. седница на Собранието.
Груевски рече дека државниот испит ќе биде еден испит поделен на два дела – првиот дел ќе се полага по втората година, додека вториот дел по завршување на студиите.
– Го има во повеќе земји, не е точно дека сме менувале или ретерирале. Отворивме јавна дискусија, кажавме дека сме насочени најмногу кон државен испит и на тоа стоиме и сега, рече Груевски и додаде дека иако има различни концепти и размислувања, времето ќе покаже кој е во право.
Според него, намалувањето на квалитетот во високото образование се случило во трката за профит кај некои приватни универзитети, што довело до лесно давање високи преодни оценки. Тоа не значи дека и на државните универзитети немало такви пропусти како лесно добивање преодни оценки без доволно знаење, но преовладува повеќе кај оние кај коишто профитот е во преден план, додаде тој.
Според премиерот Груевски, отварањето на голем број дисперзирани студии не влијаело на намалување на квалитетот на високото образование.
– Дисперзираните студии дадоа добри резултати, дадоа можност на многу млади луѓе кои живеат надвор од главниот град со многу помали трошоци без патувања да се запишат и голем дел од нив и да го завршат своето високо образование. Тие беа извонредна можност за илјадници млади луѓе во Македонија и се уште се таква извонредна можност, рече Груевски.