Преку активностите на здруженијата кои се дел од Платформата за ХИВ се откриени вкупно 7 нови случаи на ХИВ-инфекција, соопштија денеска од платформата.
Платформата ја сочинуваат 16 граѓански организации кои во партнерство со Министерството за здравство ги спроведуваат програмите за превенција на ХИВ, како и грижа и поддршка за луѓето што живеат со ХИВ и за ранливите групи граѓани. Овие програми во Република Македонија се поддржани со грантовите од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија од 2004 година па сѐ до крајот на 2016 година.
– Важно е да се истакне дека благодарение на моделот на доброволно и доверливо советување и тестирање сите овие случаи се откриени во ран стадиум, кога може да се очекува брз и одличен ефект од лекувањето со антиретровирусна терапија. Само преку теренското советување и тестирање, до крајот на октомври се направени 1200 тестирања. На овој начин на годишно ниво се прават по 1500 до 2000 тестирања, велат активистите кои се дел од здруженијата.
Организациите потсетија дека следните две години се последната фаза на финансиска поддршка што Македонија ќе ја добие од страна на Глобалниот фонд. 2015 и 2016 година се период на транзиција во кој државата треба да изготви стратегија за да ја покаже посветеноста и да го преземе во целост одржувањето на овие клучни јавно-здравствени програми.
Тие по повод Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА упатија порака за тргнување на стигмата врзана за ХИВ, особено стигмата кон луѓето што живеат со вирусот или оние што се под поголем ризик од изложеност на него. Потенцираат дека клучни елементи за успешно справување со ХИВ-инфекцијата се: елиминирање на предрасудите, промовирање на доброволното и доверливо советување и тестирање, превентивните активности помеѓу ранливите групи граѓани, грижата и поддршката за луѓето што живеат со ХИВ, навременото отпочнување со терапија и обезбедувањето на континуирана достапност на современа и квалитетна антиретровирусна терапија, која истовремено е и превенција.