Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми не сака да се сретне за да разговара со студентите, се додека концептот за државен испит не биде ставен на хартија. Тој најави дека на следната седница на Владата, која ќе се одржи следниот вторник, ќе се дискутира и за евентуалното воведување на државен испит и за конечниот предлог.
Иако студентите кои се дел од иницијативата „Студентски пленум“ вчера најавија нов студентски марш против реформата, кој ќе се одржи следната недела, Адеми сепак останува на ставот дека засега нема за што да разговараат.
„Ние се уште не сме доставиле до универзитетите и до сите други засегнати страни писмен предлог и не сакаме да се сретнеме и зборуваме за нешто што уште не е утврдено како предлог од наша страна. Кога ќе биде предлогот готов, ќе се достави до сите, секако и до јавноста и во тој момент кога ќе се отвори јавна дебата ќе се сретнеме со сите заинтересирани страни влучувајќи ги и студентите“, рече на денешната прес конференција министерот Адеми.
Според него, дискусијата за реформата ќе биде посодржинска откако ќе има конкретен предлог на маса и затоа планира да ги викне студентите на средба, откако министерството за образование и наука ќе има писмен предлог за државниот испит.
„Јас сакам да има државен испит, е сега тие не сакаат, тоа не значи дека ние не треба да комуницираме, напротив ќе треба да седнеме ние да ги дадеме нашите аргументи и да ги слушнеме и нивните аргументи. Студентите ги бранат наводно нивните интереси, професорите на професорите, ние мора да ги имаме во предвид интересите и целите на државата и на општеството. Ние не сме против студентите, треба да биде јасно, зашто се грижиме за студентите, не само од аспект на државен испит и на квалитет, туку во целокупната атмосфера во образованието“, рече Адеми.
На владината седница ќе се разговара и за најавите за реформа на педагошките факултети за кои министерството ќе излезе со предлог текст на закони.
На последниот студентски пленум кој се одржа вчера, студентите повторија дека тие се против каков било нов модел на надворешно тестирање, без разлика дали тој ќе се нарекува екстерен или државен испит. Студентите потенцираа дека и следните генерации студенти, средношколците, треба да се активираат и да го кажат својот став за најавите за државен испит.
За време на петтата средба на пленумот во Скопје, се одвиваше и пленум во Прилеп. Претходно, се одржаа три студентски пленуми во Битола како и студентски марш во Штип. Студентите најавија дека освен проблемот со тестирањето, треба да се актуелизираат и останатите проблеми во високото образование.
К.О.