Министерството за образование и наука ќе додели 2905 стипендии, за академската 2014/2015 година, соопшти денеска министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.
Стипендиите се поделени во три групи: првата група е наменета за 1500 стипендии за студентите од социјалните категории, во втората група се 630 стипендии за студенти запишани во техничките и медицинските науки и 125 стипендии за стипендии по информатика и во третата група ќе има 650 стипендии за студенти запишани во научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките биотехничките и медицинските науки.
Право да добијат стипендија имаат редовните студенти на јавните и приватните високообразовни институции. Услови кои треба да ги исполнуваат се: да не повторувале ниту една година во текот на студирањето, да не користат стипендија од друга институција или фирма и да се државјани на Македонија. Покрај општите услови, за секој тип на стипендија има дополнителни услови кои секој од кандидатите мора да ги исполни за да се стекне со правото на користење на паричен надоместок во вид на стипендија, соопштија од МОН.
Висината на стипендијата за Прва група – стипендии за студенти од социјални категории изнесува 3.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година, за Втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 8.50, односно од најмалку 9,00 просечен успех изнесува 4.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година, додека за студентите кои постигнале особено висок успех во учењето од најмалку 9,00 на студиските програми по информатика изнесува 5.500,00 денари месечно.
Висината на стипендијата за Трета група – стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки изнесува 3.000,00 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.
Документите студентите треба да ги поднесат во Министерството за образование и наука од 15 до 30 декември, а резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk на 03.02.2015 ноември.