Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) го претстави првиот специјализиран веб портал за волонтирање во земјава www.volonter.mk. На веб страната можат да се најдат корисни информации, новости, документи и публикации поврзани со волонтирањето во Македонија и во светот.
Веб страната нуди информации за тоа кој и каде може да волонтира, кој може да биде организатор на волонтерска работа, како граѓаните можат да се вклучат во волонтерски програми и волонтерски позиции понудени од страна на граѓански организации. Дополнително, на страната има информации и за меѓународни волонтерски програми и организации, волонтерски кампови во земјата и странство како и документи за законското регулирање на волонтерството и публикации во кои се анализира или истражува волонтерската работа.
Истовремено од Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) објавија повик за пријавување на волонтери за 100 волонтерски позиции. Корисници на волонтерските услуги ќе бидат локалните самоуправи (општинските администрации) во околу 20 општини во Република Македонија. Потенцијални волонтери во овој проект се граѓаните со посебен акцент на младите невработени лица и студенти.
За 50 волонтери е обезбеден надоместок за покривање на трошоците за пат и исхрана за период од 3 месеци во износ од 3.300 денари месечно од донаторски средства. За дополнителните 50 волонтери волонтерските трошоци се очекува да бидат покриени од средства кои ќе бидат обезбедени од локални извори на финансирање, од самите локални самоуправи. Во овој циклус вкупно ќе бидат сместени 100 волонтери на тримесечно волонтирање во општините. Волонтирањето бара секојдневен ангажман во работни денови по 4 часа. Очекуван почеток на волонтирањето е во текот на месец јануари 2015 година, а краен рок за пријавување е 20 декември 2014 година.
По повод Меѓународниот ден на волонтерите беа доделени и Националните волонтерски награди за 2014 година. Нив ги добија жителите на с. Калишта за реновирање на основното училиште „Браќа Миладиновци“ , волонтерите од Автономниот културно-социјален центар од Скопјe како и волонтерите во Зоолошката градина во Битола.