[Интервју] Стеин: Младинската невработеност е голем проблем и предизвик

Младинската невработеност која изнесува најмалку 50% очигледно е предизвик и проблем за Македонија. Потребно е што повеќе млади да поминуваат време на работна пракса во компаниите, наместо во училниците, вели директорот на мисијата УСАИД- Македонија, Џејмс Стеин. Во интервју за Радио МОФ Стеин говори за можностите за младите луѓе во Македонија, интегрираното образование, општествениот ангажман на луѓето, како и слободата на медиуми во Македонија.

Американските граѓани преку УСАИД од 1993 година инвестирале повеќе од 500 милиони долари во Македонија. Зошто и која е целта на овие инвестиции?

Ние сме Агенција на Владата на САД за меѓународен развој и ние го менаџираме и имплементираме поголемиот дел од странската помош која американските граѓани ја даваат во странство. Ние сме овде во Македонија од 1993, всушност почнавме и малку порано од таа година и ние ја обезбедивме оваа помош кога Југославија се растури и републиките станаа независни земји, како и во поранешниот Советски сојуз кога земјите станаа независни, бидејќи сакавме да помогнеме со демократскиот развој и економскиот развој на сите овие земји и нивната транзиција кокн демократии и нивната транзиција кон пазарно ориентирани економии. Тоа е дел од нашата желба да ја видиме Европа како целина, слободна и во мир, како и да им се помогне на земјите како Македонија со нивната интеграција и евентуално членство во Европската унија.

УСАИД работи на промоција на интегрираното образование. До каде сметате дека е интеграцијата на македонското образование и што друго треба да се направи за да се дојде до интегрирани училишта, без поделби и нетолеранција?

Ние сметаме дека е направен напредок, но се разбира треба уште работи да се направат. Интегрираното образование и етничката интеграција се многу комплицирани процеси. Кога се работи за образованието, се работи повеќе од само за училиштата, тоа ги опфаќа наставниците, учениците кои треба да го постигнат ова, ги инволвира сите, ги инволвира заедниците, Владата и медиумите, сите имаат улога во постигнување на оваа цел за интегрирано образование. Има перцепција дека не се случуваат многу работи на овој план, но од 2010 има стратегија која Владата ја спроведува и мислам дека има перцепција дека не се прави многу…

Веројатно зашто напредокот е спор…

Да, е спор, но многу од медиумите не известуваат за некои од позитивните постигнувања кои се прават. Ние имаме програма која се вика „Меѓуетничка интеграција и образование“ и работиме со Министерството за образование и наука, која прави напредок. Секое училиште во Македонија е инволвирано во оваа програма и преку неа помагаме да се создадат школски тимови за интеграција кои вклучуваат наставници, родители и вработени во училиштата кои заедно создаваат акциски планови за нивните активности за промоција на интеграција во нивните училишта. Тие може да имаат партнерства со други училишта, ако на пример се работи за училиште кое е воглавно составено од една етничка заедница, може да направат партнерство со училиште од друга општина со друга етничка заедница, за да се создадат можности за учениците да се здружат заедно. Ова е нешто што министерството за образование го поддржува и тие исто така вложуваат финансиски средства во овие партнерства.

Македонија во моментот има голем проблем со младинската невработеност, која е една од највисоките во Европа. Како да се редуцира невработеноста и да се креираат работни места?

Да, огромен проблем е младинската невработеност која изнесува најмалку 50%, и тоа очигледно е предизвик и проблем. Мислам дека Владата и меѓународната заедница се обидуваат да направат одредени работи за да го намалат ова ниво на невработеноста. Една од областите каде работиме е да ги подготвиме младите за пазарот на труд. Многу истражувања потенцираат дека вработувачите денес бараат работници кои се флексибилни кои покажуваат иницијатива и лојалност, кои се креативни во решавањето проблеми, затоа обезбедуваме повеќе работа на „меките“ вештини отколку на оние техничките или стручните вештини. Имаме уште една програма која работи со агенциите за вработувања и училиштата во тренирањето наставници и обезбедување на тренинг за овие „меки“ вештини. Друга област за младите е тоа што вработувачите сакаат да вработат луѓе кои веќе имаат работно искуство, па затоа им помагаме на училиштата да го претстават учењето преку пракса со посети на компании, стажирање и се што може да се направи за да се зголеми работното искуство на младите. Трето, се обидуваме да го воведеме планирањето на кариерите и советувањето за кариери во училиштата, со работни клубови  и да се помогне во тренирање на наставниците кои ќе можат да им помогнат на учениците во која насока сакаат да одат во својата кариера и кои се нивните преференци. За невработеноста која ја има ќе биде потребен континуиран економски развој, економијата мора да расте, приватниот сектор мора да расте, треба да има инвестиции, бизниси кои се етаблираат овде и имаат потреба од вработени.

Компаниите често се жалат дека постои јаз помеѓу нивните потреби и вештините на студентите кои излегуваат од универзитетите. Како да се редуцира овој јаз? Како би го рангирале македонскиот пазар на труд кога се работи за можностите за младите луѓе?

Има некои позитивни вести и нови иницијативи од Владата со кои се обидуваат да креираат нови можности за младите, има и активни мерки за пазарот на труд кои им овозможуваат на работодавачите да вработуваат млади под 29 години, со кои компаниите се ослободени од плаќање на социјалните бенефиции 12 месеци, што ги намалува трошоците за да се вработат млади, што е добро. Компаниите треба да продолжат да ги вработуваат тие нови работници уште 24 месеци, за да ги добијат овие бенефиции. Има простор за подобрување…Би сакале да видиме повеќе време посветено на работната пракса со компаниите, наместо да се биде во училниците. Работното искуство е многу важно, особено на универзитетско ниво, сакаме вработувачите да бидат охрабрени и да даваат можности за практиканти, не само минимумот од еден месец, туку и подоцна од тоа.

Во Македонија обично има релативно висока излезност на изборите, но од друга страна граѓанскиот активизам е на ниско ниво. Како го оценувате општествениот ангажман на луѓето и партиципацијата на граѓаните во барањето демократија? Дали е доволно само да се излезе и гласа?

Излегувањето да се гласа е неопходно но недоволно за да се има една функционирачка демократија. Се разбира дека одржувањето на фер и слободни избори е многу важно, но демократијата значи повеќе од тоа, значи постојана работа која вклучува и општествен ангажман. Мислам дека сте во право, некои истражувања покажуваат дека во Македонија има ниско ниво на општествен ангажман, не само помеѓу младите, туку помеѓу сите возрасни. Изгледа дека не постои традиција на вклученост, партиципирање во граѓански организации, здруженија, локални заедници, затоа мора да се направи повеќе за ова. Да се прават повеќе активности од заедниците со кои се бара од властите да бидат одговорни за нивните акции и она што тие го прават во име на граѓаните.

Слободата на медиумите е еден од столбовите на една стабилна демократија. Сепак, во Македонија веќе подолг период е на загрижувачко ниво, што е потврдено од повеќе меѓународни организации како Репортери без граници. Кој е излезот од оваа ситуација за медиумите и дали е потребна политичка волја за да се подобри ситуацијата?

Ние остануваме посветени на унапредување на медиумските слободи во Македонија. За жал слободата на изразување и плурализмот во медиумите овде се под притисок и како што рековте, меѓународните анализи и рангирања го покажуваат тоа. Ние ја охрабруваме Владата на Македонија да ја покаже својата посветеност за спроведување на владеењето на правото, како и нејзината подготвеност за членство во НАТО и ЕУ, преку олеснување на слободната размена на идеи на сите нивоа. Ова за нас во САД е нешто што е многу втемелувачко, слободата на говор, слободните медиуми, тоа е дел од нашиот прв амандман во Уставот (да се заштити печатот од владино мешање). Тоа не значи дека претставниците на медиумите може да кажат се што сакаат, тие исто така мора да имаат одговорност за нивните акции, но медиумите мора да бидат слободни да ја анализираат и да ја критикуваат работата на институциите, вклучувајќи ја и Владата. Потребна е политичка волја за да се постигне напредок во ова. Граѓаните исто така треба да бараат одговорност од медиумите за точноста на она што тие го известуваат.

Кои се плановите на УСАИД за следните пет години во врска со Македонија? Дали ќе бидете присутни во ист интензитет како и претходно и кои се за вас приоритетните области?

Тука сме повеќе од дваесет години и дефинитивно очекуваме да бидеме во следните пет години, и понатаму од тоа. Ќе продолжиме со нашата помош на истите нивоа како и досега, да го поддржиме демократскиот развој на Македонија и економскиот развој и компетитивноста. Сакаме да поддржиме добро владеење кое зависи од граѓанска партиципативност, социјална инклузија, транспарентност и одговорност. Сите овие работи се клучни во она што сакаме да го поддржиме, како и да продолжиме да и помагаме на Владата на Македонија и на приватниот сектор да биде компетитивен, да ги совлада барањата за членство во Европската унија, кои исто така значат дека приватниот сектор треба да има капацитет да се натпреварува на ЕУ пазарот.

Целото интервју може да се слушне на линкот во продолжение.

[Radio MOF] Interview with James Stein, Mission Director – USAID Macedonia by Radio Mof on Mixcloud

K.O.