Во 2012, тројца студенти на интерактивен дизајн од универзитетот HAWK го претставија концептот StreetPong – интерактивна игра за семафор, базирана на легендарната Pong, која дозволува да играте со противници кои се наоѓаат од другата страна на улицата. Откако студентите Amelie Künzler, Sandro Angel и Holger Michel постигнале голем успех на интернет со своето видео, за нивниот концепт се заинтересирале властите во германскиот град Хилдесхајм.
Пред две недели, во градот официјално се инсталирани првите семафори со ваква опција, а играта е ребрендирана во ActiWait, име кое алудира на „активно чекање“ да се запали зеленото светло на семафорите. Една од причините поради кои градската власт се решила на овој потег, е да ги обесхрабри пешаците да поминуваат преку улиците прерано и со тоа да го загрозуваат сообраќајот.