Најави за заклучени врати во средните училишта, казни и намалено поведение за средношколците кои ќе протестираат се само дел од притисоците кон учениците пред утрешниот марш против воведување државен испит кој ќе важи за идните студенти. Како што соопштуваат од Студентскиот пленум до нив пристигнуваат дописи од средношколци кои бараат помош за да го остварат своето право на протест.
Радио МОФ направи кратка анкета меѓу средношколците од Скопје. Искуствата се различни. Во дел од училиштата само било побарано од нив да не одат на протест за време на часовите бидејќи ќе добијат неоправдани, во други пак има вистински притисоци.
„Во нашата гимназија испозакажаа еден куп работи за од 11 часот. Најавени се казни за сите што ќе одат на протест. На состанок на претседателите од четврта година чија тема беше маршот, неповикано дојде професорка да не разубедува да не одиме. Најавено ни е е дека ќе стојат на врата и нема да не пуштаат да излеземе од училиштето“, изјави вечерва за Радио МОФ матурантка од Скопје.
Од Студентскиот пленум пак јавуваат дека се води кампања за неизлегување на средношколците на протест. Во дописите до нив, анонимно средношколци тврдат дека добиваат закани и дека ќе бидат казнети со намалување на оценките и паѓање на матурата.Од Пленумот порачуваат дека заклучување на врати од училишта со цел ограничување на учениците да излегуваат е постапка со која се прекршувауставно загарантираното право на слободно движење. Тие ги советуваат средношколците во случај да се соочат со некаков вид притисок, да го документираат и да го пратат на нивниот профил или медиумите.
„Секој средношколец кој самостојно одлучил да се приклучи кон Студентскиот Марш треба да ги знае своите права околу учеството во овој настан. Најпрво, правото на протест е загарантирано со Уставот. Секој акт на мирно јавно искажување на ставот на граѓаните на Р. Македонија, е заштитен со највисокиот правен акт во државата“, појаснуваат од Пленумот.
Од Студентски пленум сметаат дека е доста важно да се информираат надлежните органи како што е Државниот просветен инспекторат во случај да се соочат со некаков вид притисок, но и Народниот Правобранител.
Пленумот посочува и дека ќе остави на секој поединец самиот да процени дали ќе ги поддржи нивните активности. Според нив, поддршката на средношколците е сосема природна и повеќе од добредојдена.