Студентскиот пленум објави видео во кое низа познати личности од Македонија ја изразуваат својата поддршка за утрешниот втор студентски марш, закажан за точно напладне. Меѓу познатите кои го поддржуваат маршот се: Бубо Каров, Златко Ориѓански, Петар Младеновски од групата Суперхикс, раперот ЛД Пистолеро, Дарко и Брус од бендот Foolish Green, Марко од „Зад аголот“ и други.
Својата поддршка за студентскиот марш деновиве ја изрази и режисерот Александар Поповски, кој напиша:
„Ве сметаат за недораснати и изманипулирани и мислат дека немате сила да влијаете врз изгледот и содржината на нашата земја. Ве поддржувам да докажете дека не е така. Направете го она во што верувате и направете го својот Свет по сопствена мерка, не по мерка на министерот и владата. Ве поддржувам со цело срце во креирањето на Македонија по ваша замисла. Немојте никогаш да дозволите ниту една власт да ви каже што треба да правите и како треба да правите.
Многу е просто, оној кој нема да биде таму на 10ти декември, нема да учествува во создавањето на сопствениот Свет.
Голема поддршка за студентските протести!“
p.s.
Ако ве прашаат: Зошто?
Одговорете: Така!