Самостојната изложба на младиот уметник Горан Јованов ќе биде отворена на 13 декември во 19:00 часот во Ликовниот Салон на ДЛУМ, Дом на АРМ.
„Ликовниот ракопис на Горан Јованов се повикува на елементи од апстрактната асоцијативна изразност, при што линијата е експресивна и сигурна, некаде сведена на гестуалност, и произлегува од потези водени од спонтаното психичкото доживување. При тоа, не само симболичните органски форми, туку и бојата и линијата се движат во насока на симплифицирање на претходно практикуваната фигуративност, која сега само се наговестува преку детали и облици. Следејќи го својот уметнички импулс, Горан Јованов останува доследен на ликовниот израз кој рефлектира силно изразен лирски сензибилитет, како метафоричен и поетски однос кон апстрактната форма на сликата и трансцедентноста на човековата суштина. Следствено на тоа, во неговите дека централно место заземаат интимните изолирани меланхолични уметнички светови, наталожени до обременетост со записи од минатото, со крајна тенденција за предизвикување контемплативност на ниво на духовност и изразување на внатрешните искуства, емоции и содржини“, констатира кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска.
Горан Јованов е роден 1982, во Гевгелија. 2009 – Магистрира на Факултетот за ликовни уметности, Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје на отсек графика под менторство на проф. Димитар Малиданов.