Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска повтори дека министерството се уште нема конкретен предлог за државниот испит и тој нема да се сретне со студентите, се додека не биде објавен писмениот предлог за реформата.
„Кога ќе излеземе со конкретен предлог, ќе ги повикаме сите да се вклучат во дебата и во тој период да дадат нивни размислувања, сè со цел да изнајдеме заедничко решение кое во иднина ќе биде имплементирано токму од засегнатите страни“, рече Адеми по денешната посета на тетовското основно училиште „Братство – Миѓени“.
Медиумите објавија дека Министерот Адеми преку допис ги информирал универзитетите за деталите околу државниот испит уште во октомври. Според предлогот, предвидено е државниот испит студентот да го полага само еднаш во кварталот на академската година, при што само првите три полагања се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит трипати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот.
Предвидено е државниот испит за студентите да го реализира Одборот за акредитација и евалуација, кој ќе биде составен од девет члена, избрани на јавен оглас објавен од Владата, се вели во дописот.
Адеми денеска изјави дека предлогот кој го доставил до ректорот на УКИМ не го споделил со јавноста бидејќи се уште не бил усвоен.
„Досега не сум одржал никаков состанок околу државниот испит, затоа што се уште не сме го презентирале јавно, во моментот кога ќе го презентираме сите ќе бидат вклучени во дебатата, вклучувајќи ги и студентите“, рече Адеми.