Од илјадници апликации на пријавени иновативни наставници од повеќе од 150 земји во светот, на светскиот натпревар организиран од Varkey Gems Fondation наставничката од Македонија, Весела Богдановиќ е прогласена за една од 50 те најдобри наставници во светот, соопштија од Фондацијата „Чекор по чекор“.
Изборот е направен од стручната Академија на VGF составена од владини експерти, научници, психолози, педагози, инженери, новинари од повеќе земји во светот. Почесен претседавач на оваа фондација, чија мисија е подобрување на квалитетот на образванието на глобално ниво е Бил Клинтон, а нејзини претставници се значајни имиња од областа на образованието и бизнисот.
[Интервју] Весела Богдановиќ: Македонија има креативни и иновативни наставници
Според фондацијата, иако Богдановиќ 12 години работи во малото селско училиште „Кочо Рацин“, во селото Ивањевци, општина Могила, нејзините ученици секојдневно истражуваат, учат низ игра и учат со помош на информатичката технологија, како да се наоѓаат во некое одлично училиште во високо развиените земји.
„Преку пренамена на отпаден материјал, со лични скромни средства и огромна креативност, заедно со своите ученици секојдневно изработува дидактички материјали по сите наставни предмети и со тоа обезбедува максимално стимулативна средина за учење, средина која наликува на свет од бајките. Не и пречи ни тоа што веке 12 години секојдневно, во лоши услови за патување и со сопствено финансирање, патува од Битола до далечното селото Ивањевци, затоа што знае дека таму со нетрпение ја чекаат нејзините ученици, секогаш насмеани и спремни за нови, интересни, истажувачки авантури“, велат од оваа фондација.
Минатата година Богдановиќ беше прогласена за наставник експерт- едукатор и ја претставуваше Македонија на Светскиот Форум на иновативни наставници во Барселона, Шпанија, во организација на Microsoft. На своите YouTube и Vimeo канали, има објавено преку 200 едукативни филмови од својата наставна пракса, од кои можат да учат наставници, колеги, студенти на педагошки факултети, родители со своите дечиња во домовите.