„Автономијата на универзитетот не е само еден уставен Елдорадо, туку е основа и суштина за развојот на критичката мисла воопшто во целото општество“, изјави студентот Христијан Давидовиќ од Студентски пленум на денешната прес-конференција во која студентите реагираа на новите пакет реформи што Владата ги изгласа во саботата, а во кои влегува и државниот испит.
Од Студентски пленум се категорични дека не треба да се воведе државен испит за студентите.
„Кога ние категорично укажуваме на неуставноста и на провизорноста на оваа мерка, за која сме убедени дека нема да вроди со плод, дека нема да донесе некакви суштински промени, не планираме и не се осудуваме да влеземе во дискусија за техничките работи и за начинот на спроведување на државниот испит. Едноставно, таа мерка ја отфрламе како погодна за високообразовниот процес“, вели студентот Стефан Дојчиновски.
Од Студентски пленум побараа Владата да го повлече предлогот за државниот испит. Според нив, студентите треба вистински да бидат прашани преку јавна дебата од Министерството за образование и наука, а тоа да не биде само празна флоскула.
„Сметаме дека не може да се донесуваат вакви закони без дијалог со сите засегнати страни, затоа што државата сепак останува на нас студентите, коишто треба да ја носиме утре, а не да се прави врз нас тестирање. Министерството сака да не тестира според квантитативен метод, а тоа сметаме дека не е во ред“, рече студентот Давидовиќ.
Тие сметаат дека владата не го испочитува рокот кој им беше даден на високообразовните институции да се изјаснат за предложената мерка исто така, во дописот до високообразовните институции не беа вклучени како точки за кои се бара изјаснување новите најавени мерки (измена на структурата на прв и втор циклус на студии, воведување на приемен испит за студенти кои го користат правото на мобилност, субјекти кои имаат право да нудат студии на трет циклус итн), или пак интегралната верзија на законот за изменување и дополнување на законот за високо образование.
Тие апелираа до синдикатите, образовните институции и наставниците да се огласат по останатите предлог мерки од доменот на средното образование, најавени од страна на ресорното министерство. Воедно, не ја отфрлаат можноста за нов протест или некој друг начин на искажување на своето незадоволство.