Министерството за образование и наука соопшти дека во текот на денешниот ден биле реализирани одделни средби со ректорите и претставниците на државни универзитети, претседателите на Студентските парламенти и Синдикатот за образование, наука и култура, во врска со предложениот пакет мерки за унапредување на целокупниот образовен систем во земјата.
Средбите, според министерството, биле дел од планот за детално информирање на сите засегнати страни по однос на новините кои на иницијатива на Министерството за образование и наука ги предложи Владата на Република Македонија.
„Раководствата на универзитетите, синдикалната организација, како и студентските парламенти детално беа запознаени со предлог активностите во повеќето сегменти и нивоа на образовниот систем, за кои Министерството очекува сеопфатна и конструктивна дебата во следниот период. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука ќе продолжи со дискусиите и со другите институции, организации и граѓански иницијативи“, соопштија од МОН.
Иако студентите од движењето „Студентски пленум“ уште пред повеќе од две недели побараа средба со министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, тој одговори негативно, бидејќи според него, немало потреба од средба се додека предлогот не е ставен на хартија.
Предлог реформите во образованието, меѓу кои е и онаа за воведувањето државен испит, веќе се објавени на интернет страницата на министерството. Од МОН најавија дека утре во 14:00 часот, на Педагошкиот факултет во Скопје, министерот за образование и наука Адеми ќе присуствува на дебата по повод предложените предлог закони.