И познатиот словенечки филозоф Славој Жижек им даде поддршка на македонските студенти во борбата против воведувањето на државниот испит во високото образование, објави Студентски пленум на својата Фејсбук-страница. Пленумот објави писмо во кое покрај Жижек, поддршка даваат и истакнатите професори и филозофи Среќко Хорват, Тарик Али, Мајкл Харт, Антонио Негри и Игор Штикс.
Во прилог е целосното писмо упатено до „Студентски Пленум“.
– Во поддршка на македонските студенти и професори
„Вашето образование беше бесплатно, зошто не нашето?“ Ова беше еден од главните слогани од студентските окупации во Хрватска во 2009 година. Спротивставувајќи се на неолибералните мерки и постепената приватизација на образованието, 20 хрватски универзитети во осум градови беа окупирани во 2009-та.
Дури и пред движењето Окупација на Волт Стрит, хрватските студенти се организираа во „пленуми“ – генерални собранија кои практикуваат хоризонтална демократија – и колективно ги управуваа универзитетските простори кои ги окупираа. Оттогаш, речиси сите држави од посткомунистичкиот Балан се соочија со слични студентски протести.
Во меѓувреме, нови закони и реформи беа наметнати во некои други посткомунистички држави за потоа да следат нови протести и нови окупации. Неодамнешната окупација на Филозофскиот факултет во Белград заврши откако речиси два месеци студентските барања беа речиси исполнети.
Тековните протести на студентите и професорите во Македонија се спротивставуваат на новите закони чија намера е да ја елиминираат автономијата на универзитетите со наметнување дополнителни контролни испити кои ќе ги спроведуваат не универзитетите, туку владините агенции.Ова не е само нова демонстрација на неолиберална авторитарност, но може и да биде последниот клинец во ковчегот на бесплатното и достапно образование.
Од тековните напади врз високото образование (особено во Источна Европа), кои вклучуваат и одлука на универзитет да го затвори Одделот за филозофија (универзитетот Мидлсекс во Лондон, 2010), до последната епизода во Македонија, она на што сме сведоци денеска е дека образованието е во опасност.
Кога во 1813, Данска повеќе не можела да се носи со трошоците на војната а државата банкротирала, данскиот принц Кристијан осми, кога го советувале да ги крати трошоците за образование, одлучил да го направ токму спротивното и рекол: „Ако не сме доволно паметни, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме како држава“.
Истото треба да се каже и денеска: ако не се спротивставиме на на приватизацијата на образованието и на државната контрола на универзитетите, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме воопшто. Едноставно и јасно, образованието мора да биде бесплатно, достапно за сите и автономно!, се наведува во писмото.
Претходно, македонските студенти добија поддршка и од други реномирани професори како Жак Рансиер, еден од најпознатите современи светски и француски филозофи, Гал Кирн од Хумболт Универзитетот во Берлин, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун, Тод Мај, професор на Клемсон Универзитетот во Вашингтон, Симон Крчли, Ентони Пол Смит и Светлана Слапшак.
Тие ја поздравија иницијативата „Студентски Пленум“, исто така, побараа од Министерството за образование и наука да се откаже од својот обид да се елиминира автономијата на универзитетот и да се врати контролата на универзитетите на оние кои едуцираат и се едуцираат во нив.