Битолските студенти се придружуваат на студентскиот протест во петок. Зборно место е Технички факултет во Битола, а почетокот на протестотот на студентите, средношколците, работниците, но и родители и професорки е најавен во 14 часот.
„Образованието низ годините се трансформираше во фабрика, во која што ние пополнуваме квоти и норми, трчајќи од еден до друг шалтер, мотајќи се низ лавиринтите на бирократијата – од уплатница, до уплатница.
На партиските структури не им одговара квалитетно образование. За нив сме бројки и индекси што треба да потклекнат на догматизмот како идни послушници и полтрони. Секој што размислува критички – го стигматизираат и етикетираат како неподобен. Нè научија дека „наведната глава – сабја не сече“ и се влечкавме како мекотели по ходниците од факултетите и училиштата.
Редно е да ги исправиме главите и да се избориме за нашето утре!“, посочуваат од Студентскиот пленум на УКЛО.
Ова е втор протест на студентите од Битола. На претходниот кој се организираше на 10 декември излегоа околу илјада студенти, а во меѓувреме беа направени и неколку акции за будење на јавната свест.
„Наместо потиштеност, апатија и аполитичност – младите треба да носат оган во нив. Да пламнат и да ги изгорат догматизмот, послушноста и конформизмот. Да се издигнеме од пепелта на урнатините што сакаат да ги остават зад себе!“, додаваат од Пленумот.