Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство утре пред Министерството за труд и социјална политика го најавува вториот од низата протести кои бараат одговори од надлежните на прашањето „16 убиени жени за 6 години! Што презедовте?“.
Почетокот на протестот е најавен во 13 часот, а од Мрежата потсетуваат дека ќе организираат ваков протест пред Министерството секој 25-ти во месецот додека не добијат одговори за тоа дали можеше да се спречи трократното убиство во Кавадарци, двојното убиство и самоубиство во Аеродром, убиството во Ново Лисиче…
„Колку уште жени треба да го изгубат својот живот, колку деца треба да останат без своите мајки, членови на семејството без своите керки, сестри, роднини за да конечно преземете нешто! 16 убиени жени не се само бројка, 16 убиени жени се 16 семејства кои изгубиле сестра, ќерка, мајка, братучетка, и кој знае колку луѓе кои изгубиле пријателка, сосетка, колешка“, се наведува во повикот.
На 25 ноември, Мрежата го одбележа Mеѓународниот ден против насилствотo врз жените започнувајќи ја кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“ како потсетување дека сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, а кај поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство.
„Го прашавме Министерот за труд и социјална политика , г-динот Диме Спасов – Каде е пропустот? Можеле ли овие убиства да не се случат? Можела ли соодветна процена на ризик за безбедноста на жртвите да го спречи фаталниот крај?“, додаваат од Мрежата.