„Студенти, да си го освоиме нашето образование назад. Ова е моментот кога треба да искажеме револт не само против лошите реформи, туку и затоа што државата без срам нè игнорира и дрско ни се потсмева и невешто нè заокружува. Да докажеме дека гласот на студентите не познава политички, национални бариери и да докажеме дека на нас студентите колку посилно нè притискаат, толку посилни стануваме“, порача Горан Таневски од Студентски пленум, на прес-конферeнцијата за утрешниот студентски протест против воведувањето државен испит во високото образование.
Пленумот ги повикува граѓаните, студентите, професорите, родителите, средношколците и пензионерите, да излезат и да ги поддржат, а со тоа да не дозволат „монологот на Владата да продолжи“.
„Изгледа дека она што Владата го подразбира како јавна дебата е консензуален разговор на министрите и премиерот пред камери. И покрај сите такви квазијавни дебати и свесно прекршување на законите и целосното игнорирање на Студентскиот пленум, како и на самите универзитети, ние не се откажуваме“, рече Таневски.
Од Пленумот очекуваат Владата да ги омекне своите ставови и да ги прифати нивните барања, а овој пат да нема проблеми со мрежата на мобилните телефони за време на протестот.
Студентите досега не беа повикани на ниту една јавна дебата од Министерството за образование и наука на којашто би можеле да ги искажат своите аргументи зошто не треба да се воведе државниот испит во високото образование. Тие уште еднаш повторија дека нивната дебата не е свртена кон техникалиите на државниот испит, туку тие се категорично против неговото воведување.
Воедно, апелираа уште еднаш протестот да помине во мирна атмосфера и без верски и национални обележја.
Своја поддршка за студентите и студентските протести дадоа и синдикатите, организациите и активист(к)ите, организатори на протестот против плаќање придонеси за хонорарите.