Втор студентски марш во Битола – студентите го блокираа Ректоратот

„Индексот е на студентите“, „Екстерно за Владата“ и „Се работи за нас“, се дел од слоганите кои неколку стотици студенти ги извикуваа денеска на вториот марш против воведувањето на државен испит во високото образование во Битола. Студентите се упатија од пред Техничкиот факултет кон Широк Сокак каде група граѓани им се придружи по што се упатија кон градското Собрание.

Пред Собрание, студентите го повикуваа градоначалникот, но никој не излезе. На крај, студентите се упатија кон ректоратот каде чекаа ректорот да излезе и да даде изјава. Тој не излезе, а објаснување за тоа даде вработен од Ректоратот кој кажа дека ректорот бил на состанок.

Студентите не се откажаа и седнаа на тротоар пред Ректорат блокирајќи го, така што никој да не може да излезе.

Сепак, маршот помина во мирна атмосфера и студентите уште еднаш порачаа дека нема да се откажат сè додека предлог законот целосно не биде повлечен.

 

Фото: Вера Христовска Умка