Второто издание на „Под земја полесно се дише“ ќе се одржи на вечерва (27 декември), во подземните гаражи на Плочник. Програмата вклучува изложба, проекција на експериментални и анимирани филмови и музички концерт со „Подземан ефект“, „Стагнатор“ и „Црно дете“.
Покрај препознатливата атмосфера од претходната година, делата од изложбата ќе бидат потпишани под мотото на настанот-подреализам. Панк бендот „Црно дете“ пак за овој настан ќе допатува од Белград, а „Подземан ефект“ и „Стагнатор“ се веќе докажани бендови на андерграунд сцената.
Како што појаснуваат организаторите на настанот, „кулашите“ од независниот културен центар Ку Ла, идејата е овој настан да се организира секоја година, на 27 декември како обид за бегство од надворешниот „кич“ со цел да покажат дека андерграунд сцената е место каде што владее квалитетот, независно дали станува збор за ликовна или перформативна уметност.
Второто издание на настанот „Под земја полесно се дише“ сака да го предизвика надворешниот свет кој според „кулашите“ е покриен во барок, полн со турбофолкери, шминкери, хејтери, тепачи, фраери и кеш манијаци и да покажат дека таков свет не им треба.
Почетокот на настанот е закажан во 19 часот.
„Не пропуштајте да бидете дел од последното креативно загревање на 2014 година во светлината на подземјето“, порачуваат од Ку Ла.