Снегот вечерва во Скопје не ги спречи граѓаните да излезат пред Градскиот трговски центар и да го изразат својот револт поради најавите за „Барокизирање“ на овој објект. Неколку стотици граѓани меѓу кои и архитекти, јавни личности и познати скопјани направија жив sид и по вторпат го гушнаа ГТЦ, за како што велат, да им покажат на надлежните дека треба да се повлечат од идејата за менување на фасадата на објектот.
Настанот кој беше најавен како „Новогодишно топлење на ГТЦ“ продолжи со забава за присутните, а на бината поставена пред влезот на објектот од страната на Плоштад „Македонија“ беа прочитани повеќе говори на дел од присутните кои порачаа дека нема да и дозволат на власта да го смени изгледот ликот на овој култен објект кој на скопјани им буди убави спомени, и е важен дел од нивната историја и култура.
Организатор на протестниот настан е инцијативата „Го сакам ГТЦ“ која започна да функционира во јуни 2013 година како реакција на тогашниот проект за поставување нова фасада и доградба на ГТЦ. По краткиот застој на активностите, а поттикнати од повторните најавите за преобликување на ГТЦ во февруари 2015-та година, од иницијативата појаснуваат дека низ различни форми на креативно изразување, јавно говорење и институционални реакции ќе продолжат да го искажуваат својот став за зачувување на автентичноста на ГТЦ.