Сашко Потер Мицевски го објави на Youtube својот краткометражен документарен филм „(Вон)земјанинот Ли“, во кој се зборува за феноменот на неидентификувани летечки објекти (НЛО) и други феномени кои се забележани во Штип низ годините. Приказната е раскажана преку сведочењата на штипската урбана легенда Мики Ли Трајчевски, кој за себе тврди дека е интергалактички посредник помеѓу вонземјаните и штипјани.
Филмот ја доби наградата за најдобра монтажа на документарен филм на фестивалот Delhi Shorts International Film Festival во Индија, а беше прикажан и на годинешното издание на фестивалот „Македокс“.
„(Вон)земјанинот Ли“ е дипломска работа на Мицевски, кој е режисер и монтажер на филмот, директор на фотографија е Наум Доксевски, а извршен продуцент е Илија Циривири.