Советникот во локалното собрание во областа Фредерик во американската држава Мериленд, Кирби Делотер се заканил дека ќе го тужи весникот Frederick News-Post, затоа што без негова дозвола му го употребил името. Новинарите на весникот одговориле со текст во следното издание, во кој името на Делотер било спомнато 29 пати, вклучувајќи го насловот и текстот на фотографијата.
„Не ме барајте уште еднаш, не го користете моето име и не ме спомнувајте во форма која не е авторизирана“, напишал Делотер во неговата реакција, откако бил спомнат во текст посветен на паркинг-местата во областа, откако новинарката што ја работела приказната безуспешно се обидела да добие негова изјава. По ова, следел овој Фејсбук-статус на советникот:
Сепак, еден ден подоцна, Делотер признал дека барањето за дозвола за користење на неговото име било „погрешно“. Еве што пишува во уводникот-одговор на редакцијата на Frederick News-Post, насловен „Кирби Делотер, Кирби Делотер, Кирби Делотер“:
„Како да го ословуваме „Кирби Делотер“ и да си ја вршиме нашата новинарска работа, без да го прекршиме нашиот недостиг од авторизација? Празни места? Понекогаш оставаме цртички, би можеле да го направиме тоа: „К—- Д——-“. Или, можеби, Кирби Делотер (неавторизирано). Се смеевме малку повеќе отколку што требаше кога се сетивме на опцијата: „Човекот порано познат како Кирби Делотер“, што не е толку смешно кога е напишано црно на бело и го вклучува неговото име, што ја убива поентата. Можеби треба да ги ставиме само неговите иницијали: „КД“. Може ќе се извлечеме со „К-Дел“ или да одиме во стилот на Хари Потер: „Оној кој нема да биде именуван“?“.