Источноазискиот оддел на организацијата Гринпис го објави седумминутниот филм на режисерот Џиа Жангке, во кој се зборува за загадениот воздух во Кина. Филмот следи две семејства, едно урбано и едно рурално, низ нивниот живот, игра и работа во критично загадениот североисточен дел од земјата.
„Кога станува збор за смогот, без разлика каква работа работиме, тоа е проблем со кој сите се соочуваме“, вели режисерот. Џиа е еден од најпознатите кинески режисери, познат по користењето морничави, мрачни сцени во нијанси на кафена и сива боја. Неговиот последен филм, „Допир на гревот“ постигна голем успех надвор од Кина, но властите го оценија како премногу политички чувствителен за да се прикажува во домашните киносали.