Режисерот Марко Црногорски на Интернационалниот студентски филмски фестивал „NEW WAVE“ кој се одржа во Софија, Бугарија од страна на стручното жири ја доби наградата за најдобро сценарио.
Младиот режисер наградата ја доби за краткометражниот филм „Радио“, кој ја продолжува својата турнеја по Интернационалните филмски фестивали.
Во филмот играат: Игор Георгиев, Фаик Мефаилоски, Теоман Максут и Јана Пауноска. Преку акција и на моменти научно-фантастика, „Радио” се бави со бесконечната човечка глупост и алчност. Тројца најдобри другари се досадуваат во подрум, кога одеднаш наоѓаат едно старо радио. Тие го поправаат радиото и слушаат вести од минатото и иднината.