СОНК штрајкува, МОН делумно спроведува екстерно

Во поголемиот дел од основните и средните училишта како и во градинките се спроведува класичен штрајк, велат од Самостојниот синдикат за образование наука и култура. Од друга страна, од Министерството за образование и наука соопштија дека процесот на екстерното оценување се спроведува регуларно, освен во неколку општини.

Генералниот секретар на СОНК, Весна Неделковска за Радио МОФ вели дека штрајкот на наставниците целосно се спроведува во општините Чаир и Бутел, и според информациите на СОНК во овие две општини екстерното го  спроведуваат заменски наставници.

Штрајкот се спроведува целосно во училиштата во Центар, Струга, Тетово, Куманово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струмица, вели Неделковска. Во Карпош и во Сарај делумно се штрајкува, во Битола 80% од наставниците штрајкуваат, додека во Кочани, Штип и Делчево штрајкуваат само претседателите на синдикалните организации, информираат од СОНК.

Неделковска вели дека притисоците врз членовите на СОНК за да го прекинат штрајкот продолжуваат и според неа во училиштата влегуваат инспектори кои бараат списоци на вработени, директори ги повикуваат работниците на разговори и има закани за губење работа.

Државниот испитен центар предмалку демантираше дека екстерното оценување на учениците од завршните години (трета и четврта) во средните училишта, го реализираат заменски наставници и тестатори. Според нив процесот го реализираат истите наставници кои во текот на подготвителниот период за реализацијата на оваа законска одредба, биле обучени од страна на обучувачите ангажирани од Државниот испитен центар.

Од Министерството за образование и наука пак, соопштија дека процесот на екстерно оценување е целосен во средните училишта во Македонски Брод, Богданци, Валандово, Берово, Виница, Делчево, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Ресен,  Демир Хисар, Маврово – Ростуше и Липково, додека во фаза на финализација е процесот во училиштата во Штип, Св.Николе, Врапчиште, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Охрид, Кочани, Велес, Илинден, Струга, Битола, Крушево, Кратово, Македонска Каменица и Крива Паланка.

Според МОН, во општина Струмица процесот е целосно заокружен во СОУ “Јане Сандански“ и СОУ “Никола Карев“, додека, поради недостиг на тестатори во СОУ “Димитар Влахов“, за учениците од ова училиште ќе бидат утврдени дополнителни термини за тестирање. Процесот е делумно реализиран и во средните училишта во општините Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков во петокот најави дека штрајкот на просветарите продолжува се до исполнувањето на барањата и дека денеска нема да биде одржано екстерното оценување во средните училишта.

СОНК бара ревидирање на процесот на екстерно оценување, зголемување на платите, регулирање на минималната плата, укинување на паричните казни за наставниците кои имале слаби резултати на екстерното оценување на учениците, но и други барања за подобрување на статусот на просветарите.

По информациите за силни притисоци врз наставниците кои штрајкуваат, денеска во Скопје пристигнува
и претседателот на Европската конфедерација на синдикатите за образование, кој најпрво ќе се сретне со раководството на СОНК а потоа и со евроамбасадорот Аиво Орав, како и со други високи преставници од надлежните државни органи. Европската конфедерација заедно со Интернационалата за образование преку писмо доставено до Орав, премиерот Никола Груевски и министерот за струд и социјална политика Диме Спасов побараа итно да продолжат преговорите помеѓу ресорните министерства и СОНК.

Процесот на екстерно оценување на вкупно 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта, како и проверка на објективноста на оценувањето на 3.923 наставници по 2.622 предмети, започна денес и ќе трае заклучно со 30 јануари. Резултатите ќе бидат објавени на 02 февруари.

K.O.