Кој штрајкува, а кој им подлегна на притисоците, што се случува во средните училишта, кога ќе се нормализира наставата? Ова беа дел од прашањата за кои дискутираше на дебата во Радио МОФ посветена на генералниот штрајк во образованието со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, професорот Ружди Ибраими од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ и професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов”.
Според Јаким Неделков, претседателот на СОНК, неприфатлив е ваков начин на спроведување екстерно.
„Тестатори се сомнителни, во најмала рака, луѓе кои што не се ниту од училиштето, ниту од комисијата за тестирање, (туку) од разни училишта, општински управи, итн…коишто дозволуваат и препишување. И самите тестатори, колку што имаме информации, поткажуваат, дури има и такви изјави дека тестаторите ги мотивираат учениците што повеќе да препишуваат, телефонски да бараат помош и поддршка за решавање на тестовите и максимално да добијат што повисоки оцени, со тоа да се направи штета на професорите кои се во штрајк, за оцените воопшто да не им се согласуваат“, вели Неделков.
Штрајкот,вели тој, ќе трае сè додека не се најдат заемно прифатливи решенија со Министерството за образование кое останува затворено за дијалог.
„Не зависи од нас кога ќе заврши штрајкот, зависи од другата страна“, вели тој.
Изјавите на министерот за образование Абдулаќим Адеми дека наставниците за периодот додека штрајкуваат ќе добијат нецелосна плата, Неделков ги смета за неосновани бидејќи, според него, во услови кога наставниците се принудени на штрајк, работотодавачот е должен да ги исплати примањата.
Професорот Ружди Ибраими, од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ посочи дека врз професорите има притисоци има од сите страни за да се откажат од штрајкот. Во оваа гимназија, вели тој, штрајкуваат најголем дел од наставниците и цврсто стојат на своите синдикалните барања.
„ Ние не се плашиме, ако се плашевме немаше да штрајкуваме. Професорите не дозволуваат веќе да бидат малтретирани и манипулирани“, вели Ибраими и додава дека неговата желба е повторно да почне да се почитува зборот „наставник“ во земјава.
И тој посочи бројни проблеми при спроведувањето на екстерното во „Зеф Љуш Марку“и истакна дека професорите што штрајкуваат нема да ги прифатат оценките од тестирањето.
Професорот од „Орце Николов“, Душан Стојановски потсети дека гимназијата уште од првиот ден се приклучи на штрајкот.
„Имаме огромна поддршка од јавноста. Тие ја препознаваат чистата борба за правата на наставниците“, посочи Стојановски.
Тој откри дека во „Орце Николов“ на почетокот на штрајкот се појавиле и резервните наставници, но потоа престанале да доаѓаат. Незадоволен е од концептот на екстерното бидејќи смета дека не може да се споредува еден тест со годишната оценка.
„Ние сме против тоа слепо да пренесуваме туѓи идеи. Сакаме ученици кои ќе се градат како личности“, истакна професорот Стојановски кој јавно им се извини на учиниците за изгубените часови поради штрајкот и вети дека ќе стори сè за да го надополни изгубеното.
Целата дебата може да ја погледнете во видеото подолу: