Хаус музиката има наследство како ниту еден друг жанр на денс музика. Роден во 80-те години во Чикаго, стилот се прошири нанадвор кон Детроит, Њујорк, Велика Британија, Париз, Јужна Африка и на сите точки помеѓу, за 30-на години подоцна да ги допре речиси сите аспекти на популарната музика каква што ја знаеме.
Многу видеоавтори и режисери се обиделе да ја документираат историјата на овој возбудлив музички правец, следејќи го неговиот развој и популарност на сите меридијани. Еве избор на десет од најдобрите документарни филмови на тема хаус:
The Chemical Generation
Музичарот и диџеј Boy George не води низ приказната за есид-хаусот, рејвовите и дрогата во Британија во доцните 80-ти и почетокот на 90-те години. Во еден момент, George го прашува авторот на Trainspotting, Irvine Welsh: мислите ли дека есид-хаусот можеше да биде толку популарен ако не постоеше екстази?
Inside House
Нискобуџетен документарец кој се состои од интервјуа со диџеи како Kerri Chandler, DJ Gregory и Jay-Jay. Раните денови на дебатата околу достапноста на музика во MP3 формат за диџеите е централна тема на дискусија.
Slices: Theo Parrish
Единствениот документарен филм на оваа листа во кој се зборува за само еден диџеј, Theo Parrish. Кралот на детроитскиот хаус вади плочи од својата огромна колекција и длабински го анализира винилот како медиум, наметнувајќи ја тезата дека технологијата понекогаш значи „замена на уметноста со леснотија“.
This Ain’t Chicago: UK House According to the Artists That Lived It
Овој документарец го става фокусот врз процесот на ширење на хаус музиката во Велика Британија во 80-те и 90-те, раскажан од Richard Sen и неговите гости. Sen е автор на компилацијата „This Ain’t Chicago“, а овој кус филм ги става песните во контекст.
Paris Is Burning
Уште пред Madonna да ја напише песната „Vogue“ и да ги популаризира денс-трендовите, млади, црни и геј момчиња во Харлем најмалку осум години учествувале на жестоки натпревари во танцување во Харлем. Овој филм зборува за ова време и за хаус музиката која била основа на ова движење.
From Jack to Juke: 25 Years of Ghetto House
Чикаго е родното место на хаус музиката каква што ја знаеме. Но, и нејзиниот поджанр, juke потекнува од овој град. Токму бројните подправци и варијанти на чикашкиот хаус: “jack,” “juke,” “booty,” и “ghetto” се темата на овој документарец во кој учествуваат DJ Gant-Man, DJ Superman, DJ V-Dub и многу други.
Real Scenes: Johannesburg
Најновиот документарец во овој избор, во продукција на Resident Advisor ја кажува славната приказна за актуелната популарност на хаус музиката во Јужноафриканската Република. Во филмот зборуваат сите вклучени – од најстарите пропагатори на денс културата во земјата, до младите диџеи и продуценти, кои работат во неверојатно скромни услови.
Maestro: The History of House Music & NYC Club Culture
Филм за њујоршката клупска сцена и легендарните клубови во кои, со влијание на диско звукот, се раѓа посебниот вид на хаус од Њујорк. Во филмот има интервјуа со легенди како: Little Louie Vega, Frankie Knuckles и Tom Moulton, а вклучено е и посебна почит за еден од првите хаус диџеи, Larry Levan.
Back in the House
Уште еден документарец кој се фокусира на њујоршката сцена, но зборува за подоцнежен период – 90-те, кога со сцената владеат Masters at Work, творците на безбројни клупски хитови. Во филмот е вклучена и приказната за забавите „Body & Soul“ на Francois K, кои биле центарот на андерграунд музиката во „Големото јаболко“. Во филмот има интервјуа со: Junior Vasquez, Danny Tenaglia, David Morales, Roger Sanchez, кои ги внесуваат тогаш „новите“ таленти Mousse T, Armand Van Helden и Daft Punk на сцената.
Pump Up the Volume
Ова е подробна историја на хаус музиката, до средината на 90-те. Серијалот ги вклучува легендите како Frankie Knuckles, Marshall Jefferson, Pete Tong, Jesse Saunders, Happy Mondays, водејќи не од Чикаго до Лондон и понатаму.