Граѓани се противат на изградба на викенд-населба во Лазарополе

Група граѓани, обединети во иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“, се противат на изградбата на нова викенд-населба во ова планинско место, откако Владата пред една недела одлучила да дозволи трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно во близина на селото, на територија која е дел од Националниот парк Маврово.

Според одлуката на Владата, пренаменето е земјиште со вкупна површина од 416.369 квадратни метри во општината Маврово и Ростуша, со цел да се изработи урбанитсички план вон населено место за изградба на викенд-населба. Според информациите кои ги има граѓанската иницијатива, на местото е предвидена изградба на 300 парцели за викендички, 2 хотела и хелиодром.

Граѓаните се жалат дека Владата ја донела одлуката набрзина, без консултација со сопствениците на парцелите и на нетранспарентен начин. Според нив, со ова ќе се наруши природниот баланс на Лазарополскиот крај и ќе се направи несогледлива штета на една од последните недопрени, еколошки чисти средини во Македонија.

lazar-2