Студентски пленум на својата Фејсбук страница објави соопштение во кое се вели дека по долги часови расправа, по денешната средба во Владата на РМ на која се зборуваше за измените во Законот за високо образование, студентите се сложни во ставот дека аргументите на нивните претставници го убедиле премиерот во апсурдноста на законот, а воедно укажуваат дека студентскиот фронт не е затворен.
„Сосема е позната законската процедура: прв чекор кон укинување на закон е мораториум односно одложување на веќе донесениот. Првиот чекор ќе го сметаме за исполнет ако го видиме изгласан во собраниска процедура. Следниот е донесување на целосно нов закон. Нашата борба е студентите да бидат постојано и дирекно вклучени во неговото креирање како неодминлив и релевантен фактор. Ако тоа не се случи отвореноста и подготвеноста на нашата влада ќе бидат нелегитимни. Тие би биле обично ретерирање, одложување на револтот, страв… Во тој случај наша граѓанска должност останува бунтот. Поучени од досегашната транспарентност и инклузивност, остануваме будни! Прогласуваме автономна зона! Студентскиот фронт не е затворен!“, се вели во соопштението.
По денешната вонредна средба меѓу Студентски и Професорски пленум, претставници од Ректоратот на УКИМ и премиерот Никола Груевски, ректорот Велимир Стојковски соопшти дека Законот за високо образование ќе биде одложен, односно државниот испит за студентите е одложен за една година, а останатите спорни измени се одложени за две години .
За ова, Пленумци веднаш се огласија преку својот Твитер профил каде напишаа „денеска ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со понуда. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно“.
Свое соопштение до јавноста имаше и Професорскиот пленум во кое се вели дека разговори околу нов закон за Високо образование се можни, откако ќе биде одложена примената на последните законски измени на Законот за високо образование (ЗВО). Професорскиот пленум стои на своите ставови дека усвоените промени се лоши, неприменливи, но и неуставни, анти-реформски и длабоко задираат во автономијата на универзитетот.
„Временото одлагање до 2018 година ќе даде простор и доволно време да се вклучат сите засегнати страни во процесот и да дадат свој придонес во изготвувањето на нов закон за високо образование кој ќе се темели на длабинска анализа на сегашната состојба, досегашните политики и потребите на македонскиот образовен систем. Само ваков процес е гарант дека Македонија ќе има квалитетна законска рамка за спроведување на современо образование кое соодветствува на условите и потребите на општеството. Во овој процес, Професорскиот пленум ќе се вклучи сесрдно, но, не пред да се создадат услови, односно да се одложи спроведувањето на последните измени на ЗВО“, пишува во соопштението.
Пред да се случи денешната вонредна средба, МОН и УКИМ се договорија да се сретнат во вторник (10 февруари). На средбата беше планирано да се појават соодветни претставници, делегирани од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј и претставници од Министерството за образование и наука, со цел да се постигне сеопфатна расправа од која би произлегле измени на тековниот или предлог за нов закон за високо образование.
Студентите дискутираа за идните чекори – можна е окупација, дијалог или и двете